„Отворените браќа’ во нецелосен состав „патуваат низ предизвиците и мисиите значајни за нивната ЕУ-иднина“

„Премиерот на Албанија Еди Рама се наоѓа во Охрид каде што денес се одвиваше самитот во рамки на ‘Отворениот Балкан’. Тој сподели на општествените мрежи фотографија со двајца важни политичари од албанско потекло во Западниот Балкан: лидерот на ДУИ Али Ахмети и премиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ. Оваа фотографија Рама ја проследи со едноставен, но значаен натпис – ‘Отворени браќа’, на англиски јазик.“ – објави ТВ Клан Македонија.

ТВ Клан пишува: „Во Охрид претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети го придружуваа министрите Крешник Бектеши, Јетон Шаќири и вицепремиерот Артан Груби. Сите четворица се фотографираа заедно со Еди Рама и Абазовиќ. Ова го напиша Ахмети на фејсбук, проследувајќи ја објавата и со фотографија и со натпис на неа ‘Патување на предизвици и мисии од животно значење за напредната и европска иднина на нашите земји!“ – објави ТВ Клан Македонија.

Инаку, меѓу „Отворените браќа“ на средбата на врвот на „Отворениот Балкан“ не присуствуваше премиерот на Косово Албин Курти, кој пред пет дена ја одби поканата на македонскиот премиер Ковачевски за присуство во Охрид, одговарајќи му во писмо, покрај другото, дека „заеднички интерес е да се спречи Србија да го промовира рускиот и кинескиот интерес на Балканот преку ‘Отворениот Балкан“.

Учествувајќи на форумот „Глобсек 2022“ Курти го повтори своето спротивставување на иницијативата „Отворен Балкан“, велејќи на тој форум: „Што се однесува до политичката ориентација, како и до политичката чувствителност, јас не и верувам на онаа група политичари, кои веруваат во самодоволноста на Западниот Балкан. Ние треба да бидеме дел на Европската Унија, нејзини членки колку е можно побргу.“