Шаќири: „Сега се гласа за партии и носители на листи, а не за свој кандидат – да се смени изборниот модел“

„Во Собранието подолго време без видлив напредок се одвива дебатата за измени во Изборниот законик, при што ставовите на политичките субјекти се менуваат во зависност од нивните моментни позиции. Оцените за интегритетот на изборниот процес во земјава и понатаму се обесхрабрувачки.“ – вели весникот „Нова Македонија“ во својата анализа со наслов „Интегритетот на изборите сѐ уште далеку од приоритетите на партиите“.

„Нова Македонија“ пишува: „Откога во неодамна објавениот Глобален извештај за изборниот интегритет, за периодот 2019-2021 година, Македонија беше оценета со индексот 36 од можните сто, според перцепцијата на гласачите, во штотуку објавеното истражување на глобалната асоцијација за истражување на јавното мислење ‘Галуп’, се покажа дека најмногу од анкетираните сметаат оти ‘Македонија не се управува според волјата на граѓаните“.

„На второто прашање поврзано со Македонија, дали изборите се слободни и фер, се согласиле 45 отсто од испитаниците, а десет отсто во тоа биле и уверени. Но 28 проценти од анкетираните не се согласиле со тоа дека изборите се фер и демократски, додека 12 отсто во тоа биле и уверени. На ова прашање не знаеле или не сакале да одговорат четири проценти од побараните.“

„Во Собранието веќе подолго време, но без видлив напредок, се одвива расправа за измени во Изборниот законик. Ставовите на политичките субјекти се менуваат во зависност од нивните моментни позиции. ‘Ако политичките партии навистина ги претставуваат интересите на народот, треба да го изменат овој изборен модел, бидејќи сега народот гласа за политички партии и носители на листи, меѓутоа не и за свој кандидат.’ – ја претстави неодамна ситуацијата претседателот на институтот за истражување и анализа на политики ‘Ромалитико’, Елвис Шаќири, на уште една расправа за тоа во која насока би требало да се движат измените на изборната регулатива.“

„Министерот за правда Никола Тупанчески до пред некој ден уверуваше дека планот за подготовка на нов изборен законик нема да пропадне, и покрај проблемите со застапеноста на политичките субјекти во работната група, што треба да ги подготви измените и инсистирањето на водечката опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ за спроведување предвремени парламентарни избори. ‘Министерствотото за правда продолжува да ја реализира замислата за донесување нов изборен законик, во кој ќе бидат содржани правилата на изборната игра за изборниот процес кога и да се случува.’ – рече Тупанчески.“

Интернет-врска до целата анализа:



https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/integritetot-na-izborite-s%d1%90-ushte-daleku-od-prioritetite-na-partiite/