Џонсон: Зеленски да не прифаќа лош мировен договор со Путин

Украинскиот претседател Володимир Зеленски не треба да биде под притисок од светските сили да прифатат лош мировен договор со рускиот претседател Владимир Путин, вели британскиот премиер Борис Џонсон.



Британскиот премиер, кој завчера преживеа гласање за недоверба, ги уверувал своите министри дека Велика Британија „ќе остане во првите редови“ на поддршка за Украина, рече портпарол на британскиот премиер.

„Тој рече дека светот треба да го избегне секој можен резултат во кој се чини дека неоправданата агресија на Путин ќе биде крунисана со успех“, објасни портпаролот.

За време на неодамнешните директни преговори меѓу Русија и Украина во Истанбул, на 29 март, се дискутираше за план за мировен договор, кој предвидуваше неутрален статус на Украина но со можност за членство во ЕУ. Беше предложено статусот на Крим и Донбас да се дискутира во подоцнежна фаза.

Украинските власти постојано ставаат до знаење дека тие не прифаќаат преговори што предвидуваат загуба на територии.

Според поранешниот шеф на британскиот генералштаб, лорд Ричард Данат, сепак, Русија сепак доброволно нема да ги напушти окупираните територии на Украина, а украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе мора да прифати дека 10-15% од украинската територија ќе останат под руска контрола.