“Во Битола беше вршено насилство повеќе пати врз Музејот на албанската азбука. Имаше и обид да се подметне пожар во него. Сторителите никогаш не беа откриени, но сторителот на подметнувањето на пожарот во Бугарскиот културен центар беше најден веднаш.“ – вели Насер Пајазити, извршниот уредник на информативната агенција на албански јазик ИНА, во својата колумна, во која се обидува да поврзе низ некаква своја диоптрија настани во Битола од пред 21 година со најновото случување во врска со профашистичкиот Бугарски културен центар „Ванчо Михајлов“.
Пајазити пишува: „Последниот случај се случи пред само неколку години, за време на владеењето на поранешниот премиер Никола Груевски, кога четири лица се обидоа да го запалат. На 6 јуни 2001 година во Битола околу 80 албански куќи беа запалени од хулигани и паравоени групи, организирани во знак на одмазда за она што се случуваше во тоа време со оружениот конфликт.“
„Во оваа ‘Кристална ноќ’ беше запалена една радио станица на албански јазик, бидејќи до 2001 година во овој Центар на албанската азбука работеа радијата на албански јазик ‘Естрада Фонија’ и ‘Јехона’, едно културно-уметничко друштво и некои клубови. Никој не одговараше никогаш, поради овие дела на геноцид. Многу семејства избегаа и засекогаш го напуштија својот град, поради немање безбедност!“
„Денеска во Битола нема албанско училиште, освен една или две паралелки, кои следат настава во рамки на ОУ ‘Гоце Делчев’. Никогаш не се оствари враќањето на училиштето ‘Башкими’, кое им беше сон и цел на битолчани.“
„Во 2003 година во Битолската гимназија беше отворена првата паралелка за албански јазик, но таа беше затворена поради масовните протести на учениците-Македонци, кои беа против нејзиното отворање и наставата на албански јазик. Министер за образование во тоа време беше фамозниот ректор Азис Положани, кој по неуспехот на оваа иницијатива, наводно заминал на службен пат. Одлуката за затворање на оваа паралелка ја соопшти тогашниот заменик-министер, велејќи дека е прифатена пораката на накедонските средношколци во Битола. Во овој случај беше прекршена уставната одредба учениците-Албанци да учат на мајчин јазик.“
“Го поврзав сево ова со фактот, што само по неколку часа беше откриен сторителот, кој го подметна огнот во Бугарскиот културен центар!“





