Кривокапиќ: Лавров во Белград можеше да отпатува – со воз

Шефот на црногорската дипломатија ја брани одлуката на Црна Гора да го забрани прелетот на авионот на министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров.



Министерот Ранко Кривокапиќ изјави дека посетата на Лавров на Белград можела да се оствари доколку тој патувал со воз.

Кривокапиќ ова го изјави по средбата со неговиот грчки колега Никос Дендиас, истакнувајќи дека возовите на релација Белград-Москва не се забранети.

Според подгоричкиот портал „Дан“, Кривокапиќ повторил дека одлуката за забрана е елементарно почитување на обврските што ги има преземено Црна Гора и дека поради тоа, како што вели, биле изненадувачки реакциите што следеле.

Лавров вчера требаше да пристигне во дводневна посета на Белград, но неговото пристигнување беше откажано бидејќи, Црна Гора, Северна Македонија и Бугарија го забранија прелетот на руски владини авиони над нивните територии.