Најдобриот македонски ракометар на сите времиња, 42-годишниот Кирил Лазаров, на прес-конференција во Нант објави крај на својата пребогата играчка кариера, крунисана со 56 клупски трофеи, како и со 1.709 гола за Македонија, која ќе продолжи да ја води како селектор.



„Моето долго и прекрасно патување дојде до самиот крај. Одлуката беше тешка да се донесе, но сепак очекувана. Тешка затоа што го работев тоа што го сакам, од срце, со многу страст и ентузијазам. На моја возраст не е нималку лесно да играш на високо ниво во клуб со големи амбиции и очекувања, и во лига чија национална репрезентација веќе две децении доминира во светот на ракометот.

Не сакав оваа одлука да ја соопштам многу порано, иако знаев дека е крај, дека е последна сезона. Сакав да бидам професионален и мотивиран, каков што бев во текот на целата моја кариера. Кога нешто работиш со голема љубов, можеш да поместиш граници.

Заминувам со гордо крената глава, играјќи за клубови-институции како Загреб, Веспрем, Сиудад Реал, Барселона, Нант. Клубови, градови и земји каде останував минимум пет години, што ја покажува обострано стекнатата доверба со луѓето со кои соработував. Довербата се стекнува со многу труд, посветеност, константност… Тоа посебно ме прави горд што не затворив врата во тие спортски институции. Почнувајќи од мојот матичен клуб, Овче Поле, преку Борец и Пелистер, полека, со правилни одлуки и цврсто на земја, без никакви илузии, зачекорив со Европа.

Многу титули, многу успеси и разочарувања, подеми и падови, победи и порази, ситуации каде некогаш не се гледал излез, но со многу верба, посветеност и чесност успевав да застанам на нозе и да продолжам понатаму.

Посебно ми е драго што, покрај обврските кон овие ракометни институции, наоѓав, време, желба и страст да бидам во служба на нашата национална репрезентација. 25 години и тринаесет големи натпреварувања со една мала земја, секогаш аутсајдер против големите, секогаш со голема верба дека Давид може против Голијат, играјќи дури и во петтата деценија од животот за својата земја, ми дава за право секого да погледнам во очи, дури и некогаш да не сум исполнил нечие очекување.

Јавно се заблагодарувам на моето семејство за поддршката целиот овој период.Благодарност за моите блиски луѓе, кои не се многубројни, но не се ни малкубројни. Самите ќе се препознаат во овие зборови.

Благодарност до сите фанови кои ги имав во голем број во текот на целата моја кариера, кои знаеја да препознаат тешки ситуации и дадат поддршка кога е најпотребно заедно да се радуваме, па дури и во болните порази, од кои заеднички излегувавме посилни.

Завршувањето на играчката кариера е само едно кратко довидување од ракометот. Мојот веќе новозапочнат предизвик е тренерскиот повик и верувам дека и тука заеднички ќе се радуваме, тагуваме и надградуваме, поместувајќи нови граници.

Моето мото, кое пак ќе ме води, ќе биде – СЕКОГАШ НА ПОБЕДА!“, им се обрати Лазаров на фановите.

Еден од најдобрите десни бекови во историјата на ракометот ја освои Лигата на шампионите со Барселона во сезоната 2014/2015, а со Сиудад Реал беше европски вицепрвак во 2010/2011. Има и четири трофеи од светското клупско првенство Супер глоуб – два со Барселона и по еден со Сиудад Реал и со Атлетико Мадрид, како и 18 шампионски и 19 куп-титули.

Најдобар стрелец во историјата на ЛШ со 1.306 гола, пред Никола Карабатиќ со 1.038, Момир Илиќ со 1.033 итн.

Одигра 12 големи натпреварувања со Македонија, при што на СП 2009 во Хрватска стана светски рекордер по бројот на голови на еден мундијал (92 на 9 меча), а на ЕП 2012 во Србија беше прв стрелец со 61 погодок на 7 средби.

Со 1.709 гола на 236 настапи за националниот тим е на третото место на вечната листа, зад Гудјон Валур Сигурдсон од Исланд со 1879 погодоци и Петер Ковач од Унгарија со 1709, но Лазаров има неспоредливо најдобар просек од 7,37 по натпревар.