Порака од Вашингтон: „Србија да се фокусира“ на европскиот пат

Американскиот Стејт департмент побара „Србија да се фокусира“ по одлуката на државите од регионот да не дозволат прелет на авионот на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров кој требаше да доптува во Белград.



Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс на прес-конференција рече дека САД ја повикале „Србија да се фокусира на својата цел за членство во Европската унија, вклучително и усогласување на нејзината надворешна и безбедносна политика со остатокот од Европа“, пренесе Гласот на Америка.

„Постојано ја повикуваме Србија да преземе чекори за да напредува на европскиот пат, вклучително и диверзификација на изворите на енергија, намалување на енергетската зависност од Руската Федерација и усогласување на надворешната и безбедносната политика со Европската унија. Ние продолжуваме да сакаме да бидеме партнер на Србија и да и помогнеме во напорите да ја зајакне енергетската безбедност на долг рок“, рече Прајс.

За одлуката на Црна Гора, Бугарија и Македонија да не дозволат прелет на авионот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на пат за Белград, Стејт департментот оценува дека тие како суверени држави „донесоа суверени одлуки за воздушниот простор“, одразувајќи ја решеноста на Европа да ја повика Русија да одговара за нападот врз Украина.