„Вие сте на власт, во наше име со нашите напори, затоа ќе работиме да ве пензионираме. Денес организирате концерти и злоупотребувате големи суми пари на сиромашните луѓе од нашите семејства, кои се расфрлани низ светот.“ – напиша во својата објава Зулфи Адили, поранешен пратеник во Собранието на Македонија, испраќајќи му директна порака на лидерот на ДУИ Али Ахмети, како своја реакција поради прославата на 20-те години на ДУИ, пренесе информативниот портал на албански јазик „ин7“.
Пораката кон Ахмети на Зулфи Адили има дотолку поголема тежина, што тој е и член на “Генералштабот на УЧК“ и што во својата објава е наведен со „воениот прекар Командант Ќуфа’, како и поради тоа што Адили е и еден од основачите на Демократската унија за интеграција. Адили му се обраќа на својот „воен командант од УЧК“ и поранешен сопартиец Ахмети и со своевиден заканувачки тон, обвинувајќи го дека „ги злоупотребил симболот на УЧК и пролеаната крв на најдобрите синови на Албанците.“
Зулфи Адили во својата објава дополнува: „Се обидовме да ви кажеме, но вие не сакавте да не слушате. Се обидовме да ви кажеме, но вие не сакавте да не видите. Се обидовте да не замолчите со навредување и со игнорирање. Ќе ви дојде денот да дадете отчет, да положите сметка, тоа е гарантирано.“





