Рускиот амбасадор во Србија, Александар Боцан-Харченко, денеска го информира српскиот претседател Александар Вучиќ за причините што го спречија доаѓањето на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во Белград, а Вучиќ изрази незадоволство од околностите кои го спречија неговото доаѓање, јави Данас.
Вучиќ кажа дека во текот на денот на српската јавност ќе ѝ ги објасни деталите во врска со посетата на министерот Лавров, а за тоа, како што изјави Вучиќ, повеќе ќе зборува на вечерашниот „Дневник“, кој се емитува во 19:30 часот на српскиот национален сервис РТС.
На средбата со рускиот амбасадор, Вучиќ истакна дека и покрај сè, Србија ќе ја зачува независноста и автономијата во политичките одлуки, ќе го продолжи европскиот пат и ќе ги негува традиционалните пријателски и партнерски односи со земјите на сите континенти и ќе ја зачува воената неутралност.
Воедно, на средбата беше кажано дека наскоро се очекува да се одржи средба на шефовите на српската и руската дипломатија Никола Селаковиќ и Сергеј Лавров, а српскиот претседател рече дека се надева оти наскоро ќе се вратат времето на мирот и соработката, а дијалогот и разговорот ќе станат единственото средство за комуникација во современиот свет.
Инаку, денеска посетата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Србија беше откажана откако околните земји – Северна Македонија, Бугарија и Црна Гора го затворија својот воздушен простор за неговиот авион.
На тоа рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека ситуацијата со посетата на Србија е незамислива, но оти никој нема да може да ги уништи односите со Србија, додавајќи дека НАТО и ЕУ сакаат да го претворат Балканот во свој проект наречен „затворен Балкан“.





