Москва им се заканува на Софија, Подгорица и Скопје

Москва и Белград мора да одговорат исклучително остро на затворањето на воздушниот простор, од страна на соседите на Србија – Бугарија, Македонија и Црна Гора – за авионот на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, смета потпретседателот на Горниот дом на рускиот Парламент, Константин Косачев.



Захарова: Не е Русија таа што крева нова „железна завеса“

Според него, одлуката е удар врз Русија и на Србија, како држави.

„Реакцијата, се надевам, ќе биде заедничка и крајно остра, во форма на, не само дипломатски протести, туку и конкретни, практични одговори. Тоа беше непочитување“, напиша тој на Телеграм.

Како што истакна Косачев, одлуката на Бугарија, Црна Гора и на Северна Македонија, не била самостојна.

„Со влезот во НАТО, сите три земји го изгубија суверенитетот“, тврди Косачев.

Тој додаде и оти „НАТО со директна интервенција во билатералните работи на Русија и Србија се обидува да го заземе и потчине остатокот од Европа“.

Следната фаза ќе биде „ширење на сојузот на целиот свет, каде по Русија, Кина ќе стане стратешка цел број два“, нагласи Косачев.

Неговата реакција е една од низата, откако следуваше забраната за прелет на авионот со Лавров кон Србија, каде тој денеска требаше да пристигне во дводневна посета.МИА