Борис Џонсон соочен со гласање за доверба

Британскиот премиер Борис Џонсон вечерва се соочува со гласање за доверба од неговите сопартијци од Конзервативната партија, јавува Ројтерс.



Ова доаѓа по серијата скандали, вклучително и официјален извештај за кршењето на Ковид протоколите и организирањето забави во неговата резиденција за време на „Локдаун“.

Џонсон вети дека ќе се бори како лидер, но ако го изгуби гласањето за доверба, ќе остане без работа и ќе започне натпревар за негова замена, пишува Ројтерс.

Греам Брејди, претседател на „Комитетот за 1922“, изјави дека е надминат прагот од 15 отсто од ториевците кои бараат гласање за доверба на Џонсон.

Во текот на викендот, премиерот беше исвиркан за време на церемонијата на платинеста годишнина по повод 70-годишнината од крунисувањето на кралицата Елизабета Втора.

За да биде побарано гласање за доверба на Џонсон, најмалку 54 конзервативни пратеници мора да го побараат тоа.

Џонсон стана премиер на Обединетото Кралство во 2019.

Премиерот не успеа да се справи со притисокот поради т.н. „Партигејт“ – скандалот со забавите одржани во неговата канцеларија и резиденција на „Даунинг стрит“, додека земјата беше во строга карантин поради пандемијата.

За да се смени Џонсон од функцијата, 180 конзервативни пратеници ќе треба да гласаат за, што тешко може да се постигне.