Русија го зголеми извозот на гас во Кина

Рускиот енергетски гигант „Гаспром“ оваа недела соопшти дека извозот на гас во Кина преку гасоводот „Моќта на Сибир“ продолжи да расте.



Испораките се дел од „билатералниот долгорочен договор меѓу ‘Гаспром’ и Кинеската национална нафтена корпорација (ЦНПЦ)“, соопшти компанијата на својот официјален налог на Телеграм.

Прекуграничниот гасовод долг 3.000 километри почна со официјална испорака на руски природен гас во Кина во 2019 година. Капацитетот на т.н. источна рута е 61 милијарда кубни метри гас годишно, вклучувајќи 38 милијарди кубни метри за извоз. Во 2020 година, „Гаспром“ испорача 4,1 милијарди кубни метри гас на Кина преку „Моќта на Сибир“.

Договорот за снабдување со гас преку гасоводот беше постигнат во 2014 година, при што „Гаспром“ и ЦНПЦ со потпис се обврзаа за 30-годишна соработка. Договорот од 400 милијарди долари е најголемиот на „Гаспром“ досега, а „Моќта на Сибир“ е првиот гасовод за природен гас меѓу Русија и Кина.

„Гаспром“ додаде и дека во моментов се работи на проектот „Моќта на Сибир 2“, кој вклучува изградба на гасовод до Кина преку територијата на Монголија. Гасоводот ќе може да испорача дури 50 милијарди кубни метри гас откако ќе биде пуштен во употреба.

„Гаспром“ има намера да стане најголемиот снабдувач на природен гас во Кина, со повеќе од 25 проценти од кинескиот увоз до 2035 година.