Џамбаски и Сиди од ВМРО-БНД со закани од Битола: Ваква Македонија нема место во ЕУ!

Копретседателите на бугарската вонпарламентарна партија ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски и Александар Сиди, упатија остри критики и закани за Македонија од пред опожарената влезна врата на клубот на Бугарите „Ванчо Михајлов“ во Битола.



„Македонија во ваква форма нема место во ЕУ! Бугарските научници следната недела во Стразбур ќе ја презентираат целата историска вистина. Потребни се вистински политички акции за да се искорени антибугаризмот во Македонија!“, порачаа двајцата.

„Цела Европа ќе дознае што се случува во Република Северна Македонија. Јас лично ќе се погрижам за тоа. Бугарството овде е живо, ќе се бориме за тоа и нема да дозволиме никој да го предаде бугарскиот национален интерес“, рече европратеникот Џамбаски.

„Изгорената врата нема да го спречи палењето на бугарскиот оган во Македонија! Затоа сме тука да ги поддржиме нашите браќа во Битола“, додаде Сиди.

Претставници на кружокот „За Македонија“, составен од научници и од јавни личности од Бугарија, во текот на следнава седмица ќе го посетат Стразбур за време на седницата на Европскиот парламент. На покана од Џамбазки, тие првпат ќе се обидат на европските политичари директно да им ја претстават „историската вистина за заедничката историја на Бугарија и Македонија“.