Доајен на новинарството: Софиската упорност за бугарофилски инсталации и Љубчо Георгиевски

Доајенот на македонското новинарство Кипро Кипроски во колумна за Нова Македонија под назнака “Забележано, необјавено” објавува информации за вистински настани од времето на основањето на ВМРО-ДПМНЕ кога според негово сеќавање се случиле првите бугарски обиди за вметнување на бугарофилски инсталации во Македонија по осамостојувањето а кои тој ги оценува како упорни.



,,По 16 месеци од основањето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ (Скопје, 17 јуни 1990 г.), на крајот на октомври 1991 година, бугарската МПО успеа да ги скара и да ги раздели таткото и идеологот на партијата, Драган Богдановски и првиот претседател Љупчо Георгиевски. Тоа се случи во Торонто, Канада. Секцијата на ВМРО-ДПМНЕ од Торонто официјално го покани претседателот Георгиевски да им биде гостин, заедно со сопругата Снежана, им ги плати авионските карти, а договорено беше и дека ќе ги сноси трошоците за престој од 30 октомври до 17 ноември.

По слетувањето на авионот на аеродромот во Торонто, Георгиевски наместо да се упати кај домаќините, кои го чекале со Драган Богдановски, како што е редот, неочекувано му се придружил на бугарофилот Стојче Наумов и заедно влегле во автомобилот на Љубен Христов од Детроит, познат мповец и претседател на бугаро-македонската црква „Свети Павле“ во Детроит.

Почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Богдановски, крајно разочаран од постапката на претседателот, со писмо што го испрати по телефакс на редакцијата „Нова Македонија“ остро реагираше:

„Почитувана редакцијо, ќе ѝ направите услуга на македонската нација ако ја објавите статијата што ви ја испраќам ’Плива ли ВМРО-ДПМНЕ во бугарски води‘“.

Виктор Цветановски, шеф на дескот на „Нова Македонија“, на 10 декември, во попладневните часови, телефонски ми се јави да проверам дали содржината на текстот е веродостојна, напишана и потпишана од Богдановски, да го потврди тоа, со тоа што текстот ќе го препрати во редакцијата и со потпис да потврди дека е негов. Цветановски ми објасни дека содржината му е неприфатлива, се сомневал дека автор на текстот е Богдановски, затоа проверува, бидејќи му личи на провокација, не сака да дозволи редакцијата да биде изложена на напади.

Откако експресно ја добивме посaкуваната потврда од Богдановски, писмото беше објавено ден подоцна, на 11 декември 1991 година.

Подоцна на страницата „Писма“ беа објавени неколку писма на Драган Богдановски и реакции на Љупчо Георгиевски.

Во текстот „Зошто се разидов со Љупчо Георгиевски“, Богдановски ќе напише:

„Фактот што Љупчо Георгиевски не одржа ниту една средба со членовите на својата партија, а имаше време за средби со бугарските врховисти, јасно зборува дека нему му биле помили бугароманските врховисти отколку национално свесните Македонци“.

На тој начин, Љупчо Георгиевски, не сакајќи да се сретне со сопартијците во Торонто, со непромислениот гест му ја прелеа чашата на Драган Богдановски и се случи расколот меѓу нив, далеку од Македонија.

Богдановски не ја криеше разочараноста

„Моја грешка беше што прифатив да живеам во куќата на Борис Змејковски во Лисиче. Мојот пријател и соборец од дијаспората, Мане Јаковлески, ми го понуди неговиот стан во Скопје и ми велеше дека таму ќе ми биде подобро. Понудата ја одбив, многу се каам“, ми се жалеше Драган Богдановски, на кафе-средбите за време на паузите на двата конгресни дена на партијата во Прилеп, на 6 и 7 април 1991 година, кога се чувствуваше осамено”, пишува Кипроски за чувствата на Драган Богдановски.

Целата колумна на овој ЛИНК