Русија го крши американското оружје во Украина како ореви, руските војници веќе уништија десетици комплекси, гранати и разни инсталации, изјави претседателот Владимир Путин во интервју за државниот ТВ-канал Русија 1.
„Нашите системи за противвоздушна одбрана ги кршат како ореви. Десетици се уништени“, рече тој, коментирајќи ја одлуката на американските власти да испратат ново оружје во Украина.
САД почнаа да му доставуваат оружје на Киев уште пред почетокот на руската „специјална воена операција“. Последниот голем пакет воена помош за Украина од 700 милиони долари го објави американскиот претседател Џо Бајден на 1 јуни. Вашингтон вети дека ќе пренесе американски повеќекратни лансирни системи „Химарс“, со дострел до 80 километри, и муниција во Украина, како и четири хеликоптери Ми-17, две радарски станици, пет противартилериски радари, 1.000 преносливи противтенковски ракетни системи „Џавелин“ и 50 ракетни фрлачи, 15.000 артилериски гранати од 155 милиметри и друго оружје.
Американското Министерство за одбрана го процени на 4,6 милијарди долари вкупниот обем на испораки на оружје за Украина од САД од почетокот на руската воена интервенција.
Како одговор на трансферот на хеликоптери Ми-17 од руско производство во Киев, портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, рече дека Вашингтон „невоздржано се обидува да ја пумпа“ Украина со оружје. Договорот според кој Русија ги испрати овие хеликоптери во САД не предвидува нивно префрлање во друга земја, нагласи таа.
Русија побара објаснување од САД за ваквиот чекор, бидејќи, според договорот, хеликоптерот требаше да го користат само вооружените сили на Авганистан.






