(…)
„Иако македонската политичка елита не сака да кажува условно речено, „лоши зборови“ за Петков, туку повеќе за него сака да зборува како за некаков бугарски Дон Кихот кој сака да ги разбие бугарските прерасуди кон Македонија и да најде начин да се тргне блокадата на Софија (во исто време, да ѝ помогне на македонската јавност да стопи и дел од овдешните предрасуди).
Но, не е баш така“, пишува Љупчо Поповски за Дојче веле.
„Ако ја прочитаме само неговата последна изјава од четвртокот околу наводниот предлог на Франција, кој треба да изнајде формула за кревање на ветото, во неа нема ништо поразлично од она што го кажуваат другите политички актери во Бугарија – од претседателот Румен Радев до сите други партии во собранието:
„Во врска со планот на Франција јас ништо не сум видел црно на бело, но, се разбира, отворени сме да разговараме со сите наши европски партнери кои имаат предлози. Но повторно ќе кажам, тие треба да бидат согласни со рамковната позиција на Бугарија. А дури и позицијата да се утврди, таа треба да помине низ Народното собрание“, рече Петков.
Една недела порано се појавија информации во бугарскиот печат дека за време на коалицискиот совет на четирите партии Петков најавил дека ќе бара условите што ги постави Бугарија за решавање на спорот со Македонија да бидат вклучени во преговарачката рамка за Македонија.
Неколку дена претходно во Рим, за време на чествувањето на Кирил и Методиј, во најдобриот манир на историското присвојување на солунските браќа, рече дека „азбуката што ни ја дадоа светите Кирил и Методиј ја прави старата бугарска култура исклучително важна за европската цивилизација. А големите умови ја нарекуваат Бугарија културно чудо на Словените…
Се разбира, тешко може да му се одземе правото на еден бугарски премиер да ги става сесловенските просветители (како што се нарекуваат во целиот словенски свет) во бугарски рамки, како што тоа претходно го направи тамошното собрание. Но ако Петков тоа го прави да не ја вознемирува бугарската јавност и дополнително да ја дели и така поделената владејачка коалиција, со овие изјави го поткопува својот брзо стекнат углед во македонската јавност дека тој е политичар од европски ков со американско педигре кој сака да решава проблеми, а да не се повладува на горливата политика“ пишува Поповски.







