„Да знаев што сака Бугарија од РСМ, ќе бев многу среќен човек.
Јас, како и сите Бугари, не знам што сака Бугарија од РСМ“, вели бугарскиот политолог, професор Евгениј Дајнов во разговор за Дојче веле.
„Има чудни работи во Рамковната позиција – вели Дајнов – како на пример РСМ да ги смени текстовите на спомен-плочите и спомениците, да го признае македонскиот јазик со „ѕвездичка“ (т.е. секој пат кога се споменува „македонски јазик” да се објасни во фуснота дека тој е дијалект на бугарскиот јазик), да спроведе лустрација на луѓе од бившите југословенски специјални служби (нешто што самата Бугарија не го направила со своите вработени во комунистичката Државна безбедност). Овие работи за мене се провокација.
Политичкиот амбиент во Бугарија е мрачен и не и дозволува европско поведение на владата, вели Дајнов.
„Провокација е и поставувањето на целиот договорен процес меѓу РСМ и ЕУ врз резултатите од преговорите меѓу историчарите од двете страни. Над 90 проценти од овие историчари, од двете страни, не се историчари туку националистички идеолози: тие не се водат од историски документи, туку од политички размислувања. Нема тука како да се очекува договор, после кој би започнал преговарачкиот процес со Брисел.
Тоа и во принцип не е можно: историјата е разговор за минатото; политиката е разговор за иднината. Нема како од првото да го изведете второто – нешто, што основачите на ЕУ го разбраа и затоа ЕУ зборува за политика (за иднината) а не за историја (за минатото). Ако иднината беше ставена под власт на минатото, немаше да има ниту ЕУ, ниту мир во Европа. Ситуацијата е апсурдна: европската иднина на РСМ треба да зависи од договор меѓу пишман-историчари за тоа која националност бил (да речеме) Гоце Делчев. Ова не може да биде сериозна политика, па дури и каква било политика.
Јас сум збунет и од тоа што бугарската страна постојано поставува нови и нови услови за РСМ, кои ги нема во ниту еден документ“, вели Дајнов за Дојче веле.







