Кога во рок од неколку дена од Грција ќе испратат три нови барања покрај името на Македонија, две гласни „не“ за тој збор во идниот назив на северниот сосед и една закана дека грчкиот народ „кумството“ ќе го потврди на референдум, работите се чини стануваат многу јасни.
Грција ги засилува позициите пред разговорите за разликите околу името идниот месец требало да почнат во Њујорк под под медијаторство на Метју Нимиц. И нема намера да разговара или да „преговара“ туку има намера да диктира и да изнуди „компромис“ ама по нејзина мерка.
Гардот кон Скопје го кренаа претседателот на државата и министрите за надворешни и за одбрана на Грција во три, само навидум одвоени, но и многу опасни изјави кои загатнуваат дека Скопје е турнато во ќош и најмногу од се што може да стори е – да обрани барем нешто од она што се бара да се откаже.
Прокопис Павлопулос од свеченост во Офицерски дом во Солун грмеше во милитантен стил дека “Македонија беше, е и ќе остане грчка, не прифаќаме неодговорност што ќе го претвори Балканот повторно во „европско буре барут“. Претседателот спомнува „барут“ во контекст на небулозите дека „северниот сосед посегнувл по историјата и името што не му припаѓаат“.
Дали тој најавува продолжување на политиката со поинакви средства?
Првиот човек на одбраната, Панос Каменос излезе со монструозна теза дека „ грчка Македонија, отсекогаш и особено во последниве години беше цел на словенски заговор“ и дека не само името туку се работело и за територијалниот интегритет и што е полошо – словенизирањето на историјата, културата на Македонија, односно на грчката нација.
Уплашен случајно спорот да не се реши со компромис во кои двете страни би изгубиле по нешто, Каменос побара грчкиот народ на референдум да го одобри идното име на ПЈРМ, кое никако нема да го содржи зборот „Македонија“.
Конечно, работите до крај ги помати Никос Коѕиас кој го постави прашањето за „македонското вино“ што најсликовито ќе покаже кои ќе бидат последиците од промена на името на Република Македонија:
Неговата (внатрешна и надворешна) употреба, новото име ќе има последици и врз изведените зборови, акронимите, меѓународниот код на земјата, мала „рецензија“ на историските книги и мапи. Но, како ќе се нарекува виното произведено во Македонија, а да не ги навреди грчките фармери…
Се потврдува она прастарата латинска „Во виното е вистината“!





