Коцарев: „Треба стратегија за развој и борба со корумпираните политичари и Преспанскиот и Бугарскиот договор“

„Дали е можно нашите внуци да живеат онолку добро како што се живее во некоја побогата и поразвиена држава од ЕУ? Што треба да направиме денес за нашите внуци (внуците на милениумската генерација) да останат да живеат во Македонија, а нивниот квалитет на животот да биде на исто или на слично рамниште со животот на нивните современици во развиените држави во Европа?“ – прашува претседателот на Македонската академија на науки и уметности Љупчо Коцарев во својот есеј со наслов „Иднината на нашите внуци“, кој го објави весникот „Нова Македонија“.

Коцарев пишува: „Изразот ‘нашите внуци’ се внуците на милениумската генерација во Македонија, родени од раните 1980-ти до раните 2000-ти години. Можно е и Македонија да стане побогата и поразвиена држава. Тоа значи дека нашите внуци треба да остваруваат бруто-домашен производ по жител еднаков, на пример, со бруто-домашниот производ по жител на некоја поразвиена држава, или со просекот што го имаат земјите-членки на ЕУ). Но како да се дојде до тоа, бидејќи Македонија е сиромашна и демографски стара земја и со сѐ поизразена тенденција на иселување на младите генерации од неа, а со тоа и на одлив на млади високообразовани и талентирани луѓе?“

„За нашите внуци да живеат и да работат во Македонија, треба поскоро да пристапиме кон создавање и воведување мерки и политики, што ќе доведат до зголемување на продуктивноста на младите. Што значи, прво, да се инвестира многу повеќе во образованието и, второ, да се осмисли и овозможи нивна поголема вклученост, преку соодветни политики, во општествениот систем. Образованието и науката во Македонија беа и се намерно и системски уништувани.“

„Останувањето на милениумската генерација во Македонија, иднината на нашите внуци, зависи барем од три фактори. Прво, таа зависи од успешно справување со основните негативни карактеристики на владеењето во Македонија: (1) отсуството на владеење на правото; (2) бескарактерноста, ароганцијата, алчноста, коруптивното однесување и криминалното поведение на политичарите; (3) безобѕирните манипулации и централното место на пропагандата и лагата и (4) бескрупулозноста и безобѕирноста на постапките и средствата, што се граничат со апсурд, за остварување и одржување на владеењето.“

„Второ, иднината на нашите внуци зависи од создавањето стратегија за национален развој, поддржана од релевантните политички субјекти во континуитет, независно дали се на власт или во опозиција. Но зафат од вакво значење не смее да се остави само на волјата на оние што имаат политичка моќ, туку е нужно не само да се консултира туку и да се вклучи академската и интелектуалната јавност. Поучени од минатото, треба да се деполитизира изработката на стратегиите за развој и реформските документи, што ќе овозможи континуиран развој на Македонија.“

„Трето, иднината на нашите внуци зависи од Преспанската спогодба и од Договорот за добрососедство со Бугарија. Според ООН, термините ‘Македонија’ и сите нејзини изведенки, што е предвидено со Преспанската спогодба, во меѓународната употреба се резервирани само за Грција, па така, денес, за сите сме северномакедонци, а не Македонци. Меѓутоа, во секојдневна употреба, во научните дискусии, во уметничките творби, Преспанската спогодба не може да забрани и понатаму да продолжиме да зборуваме, пишуваме, пееме, цртаме за Македонија и за македонскиот идентитет, историја, народ, за Македонците во Егеј и во Пирин.“

„Но кога тоа конечно ќе се случи никогаш нема да можеме да зборуваме, пишуваме, пееме, цртаме за Македонија и за македонскиот идентитет, историја, народ, за Македонците во Егеј и во Пирин. Македонците ќе исчезнат засекогаш, ако само заради започнување на преговорите се согласиме со бугарското бесмислено, ирационално, ненаучно тврдење дека Македонците се народ без милениумски корен.“

„Иднината на нашите внуци зависи само од нас, не од ЕУ, а најмалку од датумот за почеток на пристапните преговори. Треба еднаш и засекогаш да изградиме согласие околу прашањето: дали сакаме нашите внуци, внуците на милениумската генерација, достоинствено да живеат и да работат во просперитетна и богата Македонија? Ве повикувам да не ја сведете Македонија на ништовност, туку сите заедно да ја градиме иднината на нашите внуци.“ – заклучува академик Коцарев во својот есеј.



Интернет-врска до целиот есеј:

https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/idninata-na-nashite-vnuci/