Ракометарот Тот убиен за место во такси?!

Основниот јавен обвинител Гаврил Бубевски во интервју за „А1он“ изјави дека постојат индиции оти причината за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот е место за во такси.



Според првиот човек на Основното јавно обвинителство Скопје, предметот е во завршна фаза, а во судската постапка ќе учествува и семејството на ракометарот на Бутел што беше убиен пред скопската дискотека „Привилиџ“.

„Уште некои појаснувања треба и за фактите од Судска медицина во однос на свесноста на трагично починатиот по ударите. Тоа е приближно суштината на која треба да се одговори, која е важна и за правната квалификација на кривичното дело“, појасни Бубевски.

Тој се сретнал со родителите на Тот и нагласува дека неговиот татко не вршел никаков притисок или влијание врз предметот, само направил увид во доказниот материјал и дал исказ за отштетното побарување.