Скопје е една од станиците на германскиот канцелар Олаф Шолц во рамки на неговата посета на неколку земји од Запден Балкан. Неговата посета на Скопје е најавена за сабота, 11-ти јуни, откако в петок на 10-ти јуни, на покана на грчкиот премиер Мицитакис, ќе учествува на Самитот за соработка во Југоисточна Европа, што се одржува во Солун. Германскиот канцелар истиот ден од Скопје заминува за Софија.
Шолц ја најави посетата на неколку земји од регионот уште пред една недела кога пред Бундестагот порача дека интеграцијата на земјите од Западниот Балкан во ЕУ е прашање на кредибилитет и стратешки интерес. Пред пратениците зборуваше за обврските кои ЕУ земјите членки ги преземаа кон државите од Западниот Балкан и ветувањето за нивно полноправно членство. Шолц најави дека сака повторно да го заживее Берлинскиот процес и на крајот порача дека Западниот Балкан припаѓа кон Европската унија.
Посетата на Шолц на Скопје и Софија се случува пред состанокот на Европскиот совет, закажан за 23 јуни, а на кој е предвиден и одделен самит со шефовите на држави и влади од земјите на Западниот Балкан.





