Панзов: Настава по македонски јазик во Будимпешта посетуваше и монах од Тибет!

„Студенти од Полска, Словачка, Чешка, Словенија, Австрија, Германија, Монголија, Тибет го изучуваат македонскиот јазик на Институтот за славистика и балтичка филологија при Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта, Унгарија. Во летниот семестар 2021/2022 наставата по македонски јазик ја посетувале 24 студенти по предметите ‘Македонски јазик’ 1-4, ‘Запознавање со Македонија’ и ‘Македонска култура’. Во овој семестар имало и предмет ‘Современ македонски роман’, кој го посетувале седум студенти.“ – вели Биљана Стојановска во својата статија со наслов „Ме радува што студентите продолжуваат да го шират гласот за Македонија“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

„Златко Панзов, кој работи како лектор по македонски јазик и е докторанд на Докторската школа за книжевност при ЕЛТЕ, вели дека покрај студентите од Унгарија, често доаѓаат да студираат и студенти однадвор. ‘На Универзитетот ЕЛТЕ има многу студенти, што преку најразлични програми за подвижност на студенти доаѓаат од други земји. Овој семестар имав студентка од Љубљана, Словенија. Во изминатиот период наставата по македонски јазик ја посетувале студенти од Полска, Словачка, Чешка, Австрија, Германија, Монголија, Тибет и други места. Студентот од Тибет беше монах.’ – раскажува Панзов.“

„Некои од студентите, што го избираат македонски јазик веќе студираат некој друг словенски јазик како главна насока, а има многу студенти што изучуваат ориентални јазици, некои се историчари, археолози, социолози. За предметите по македонски јазик најчесто дознаваат преку рекламите и активностите на Лекторатот по македонски јазик.
„Сериозно работам на промоција на лекторатот преку најразлични активности и настани, се трудам да будам присутен насекаде. Сето тоа носи резултати, студентите точно знаат зошто избираат македонски јазик, какви можности има за изучување на јазикот, можностите за учество на Летната и Зимската школа, патувања во Македонија. Своите искуства им ги пренесуваат на своите колеги и пријатели. Така што мислам дека нема случајности, само напорна работа за промоција на лекторатот – посочува Панзов.

„Засега предметите по македонски јазик, литература и култура се изборни, меѓутоа во програмата на Институтот за славистика и балтичка филологија се предвидува отворање на македонски јазик како втора задолжителна насока. ‘Задоволен сум од моменталната ситуација. Голем дел од студентите ја следат наставата по македонски јазик по три или четири семестри, продолжуваат и за време на своите магистерски студии, така што веќе се формира група на сериозни говорители и познавачи на македонскиот јазик. Работиме и на преводи, така што во скоро време ќе имаме поголем број преведувачи.’ – истакнува Панзов.“

„Студентите често знаат да се соживеат со македонската историја, но и со актуелните политички случувања, па често се и изреволтирани, како да се работи за нивната земја. ‘Продолжуваат да се интересираат, не само за јазикот туку и за македонската култура откако ќе ги завршат своите студии. Редовни се на настаните што ги организирам, читаат македонска литература, ја посетуваат Македонија, се интересираат за политичките случувања кај нас, се револтираат за односот на нашите соседи кон нас. Продолжуваат да го шират гласот за Македонија и нејзината вистина. Минатата година го одбележавме јубилејот 100 години од раѓањето на Блаже Конески со издавање на зборникот ‘За македонскиот јазик’. Зборникот содржи текстови од Конески преведени на унгарски јазик. Моја студентка успеа да ја дистрибуира книгата во сите подвижни книжарници насекаде во Будимпешта, така што сега името на Блаже Конески можете да го прочитате на најпрометните места во градот.’ – додава лекторот.“

Интернет-врска до целата статија:



https://www.novamakedonija.com.mk/pecateno-izdanie/me-raduva-shto-studentite-prodolzhuvaat-da-go-shirat-glasot-za-makedonija/