„Тоа што го заплетка Зоран Заев, потпишувајќи го Договорот за пријателство со Бугарија, не може да го отплетка цела Европа. Не го отплетка моќната Ангела Меркел, која можеше да го стори тоа. Залудна е надежта дека Емануел Макрон ќе го направи тоа. Бугарија само го доплеткува, сѐ нови Гордиеви јазли заврзува.“ – вели новинарот Панде Колемишевски во својата колумна со наслов „Македонци? – Нема таков народ“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Колемишевски пишува: „Во Бугарија постои парламентарна партија што го носи називот ‘Има таков народ’. Таа партија сериозно работи на проектот „Нема таков народ“, а се однесува на Македонците во Македонија (сега само ‘северна’). Според тој проект, не постојат македонски народ, македонска нација. Поточно нема Македонци, сите што се именуваат како такви се Бугари по род и происход, 11 века наназад сметано од денешниот ден.“
„На таа платформа, поставена најнапред од ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов и ГЕРБ на Бојко Борисов, застанаа и повеќето партии и оние застапени сега во нивното Национално собрание. Тие се наследниците на бугарската агресорска политика од 100 и повеќе години наназад. Денешните бугарски партии и лидери се деца на политиката на царот Борис, кој им беше сојузник на Адолф Хитлер и на долгогодишниот комунистички диктатор Тодор Живков, познатиот македономразец.“
„Бугарските власти бараат од Македонците да се одречат од нивната целокупна историја, од идентитетот, од јазикот, од писмото, од минатото, од сите дејци и револуционери застапени во македонската политичка и народна меморија. Реченицата за ‘заедничка историја’, напишана во Договорот за добрососедство и пријателство ја толкуваат дека до 1944 година не постоел македонски народ. И дека Македонците треба да го признаат тој факт. Ако не го признаат, до крајот на светот и векот ќе висат на европска гранка.“
„Бугарските власти се во национална еуфорија дека она што не го постигнале низ три војни ќе го остварат во мир. Во некаков интерес за европската перспектива од Македонците дрско се бара да ги избришат своето минато, своите државотворни, национални, социјални, културни, образовни и други достигнувања. Да ја заборават окупацијата во Втората светска војна, да ги попретаат злоделата направени врз Македонците и Евреите, жртвата да ја изедначат со џелатот. Тој став го држат без отстапки. Можеби звучат поинаку зборовите и постапките на премиерот Кирил Петков, но вистината е дека неговиот зборовен егзибиционизам не може да го покрие клучниот негаторски став кон Македонија.“
„Многумина и во Бугарија и во Македонија посакуваат „да нема таков народ“. Да нема македонски народ, да се растовари светот од македонскиот историски и национален баласт, од таканареченото македонско прашање, од бурето барут на Балканот. Во такви кви околности нема решение. Нема, зашто во огнот што се пали, во котелот што врие, се прашања што за Бугарите, наводно, значат живот, а за Македонците смрт. Клучот лежи во историјата, идентитетот, јазикот и писмото. Попусто македонските политичари раскинуваат усти, тврдејќи дека за нив не се преговара. А вистината е дека нема ништо спорно освен идентитетот, историјата, јазикот и писмото. Значи, ако нив ги има, тогаш таков народ има, ако ги нема, таков народ нема.“
„Бугарската пропаганда нема да запре да шири фалсификати за минатото на македонскиот народ. Дел од бугарската јавност е свесен дека така се раѓа незадоволство кај Македонците, но гласовите на разум се задушуваат. Напорот на пропагандата да ја убедат Западна Европа во нивните бесмислици не им дава плод. Немаат голема поддршка ни од македонските медиуми, освен од неколку портали, од еден-два наводни интелектуалци и новинари поединци, анационално настроени.“
„Итрите Грци, пак, преку ‘данајски дарови“ илегално потрошија околу 50 милиони долари, поткупија политичари, невладини организации, цели медиумски редакции и новинари поединци и го добија тоа што го сакаа. Ѝ го сменија името на Република Македонија, која од јужна стана ‘северна’, со што, меѓу другото, ги наруши географските поими.“
Интернет-врска до целата колумна:
https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/makedonci-nema-takov-narod/





