Поранешниот член на мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања кој даде оставка затоа што не се согласуваше со начинот на кој беше третирана македонската историја во комисијата зборува за специјална операција на Бугарија кон Македонија.
Професорот Ванчо Ѓорѓиев тврди дека францускиот претседател не е главниот фактор во спорот меѓу Скопје и Софија.
,,Во Македонија се појавија информации дека Макрон е клучен играч, но не е така, се’ зависи од бугарските фактори. Ставот на Софија е јасен и недвосмислен. Нема простор за натамошно очекување дека тоа прашање во блиска иднина може да се разреши.
Доволно е само да потсетиме дека уште пред три години ја имаме рамковната позиција во бугарскиот парламент. Го имаме и оној објаснувачки меморандум, испратен до Брисел, во кој таксативно се наведени бугарските барања и на крај, коалициониот договор во бугарската влада. Оттука нема никој да отстапи, затоа што ако се случи тоа во Бугарија, владата ќе се распадне.
Прашањето ќе остане такво, бидејќи никој во Бугарија нема да отстапи од позициите. Напротив, тие се заоструваат. Од пред ден два бугарскиот претседател споменува и референдум за некое изјаснување на бугарската јавност сериозно наелектризирана по ова прашање.
Бугарија е членка на Европската Унија и таа ништо не губи. А, користејќи ја алатката вето, секогаш ќе се однесува како што се однесува и нема никогаш да отстапат. Тоа не значи дека ние по секоја цена треба да прифатиме секакви идеи. На Македонија и’ е потребен влезот во Европската Унија, но има достоинство и принципи преку кои не смее да се помине! Другите ќе ве почитуваат толку, колку самите ќе се почитувате.
Она што го бара Бугарија е премногу и целта им е демакедонизација на Македонија.
Бугарија спроведува кон нас една специјална операција која што за главна цел ја има демакедонизацијата на Македонија, а алатката преку која ја спроведува е ветото. Постои и скриена опасност, играње на рати. На секој самит на Европската Унија, кај нас да има спуштање на жицата.
Иако сега фокусот е ставен на правата на Бугарите во Македонија, сите други барања стојат и не се повлечени, туку тоа е само барање повеќе”, смета професорот кој ја напушти комисијата затоа што врз неа се вршеше политички притисок.





