Хрватскиот славист и македонист Горан Калоѓера ѝ рече адио на Македонија, која ја претставуваше како почесен конзул во Риека.



„Долго време не се јавував во врска со моите мили Македонија, Македонки и Македонци. Има причини за тоа, напишав некои текстови кои бараат концентрација и прецизност. Станува збор за мојата монографија и книга по повод педесет години на Универзитетот во Риека, каде што во форма на лексикон подготвив список и карактеристики на сите декани, проректори и ректори на Универзитетот во Риека.

Тоа сега е зад мене и треба малку да одморам, годините си го бараат своето, но тоа не значи дека не следам сè што се случува во Македонија. За жал, сè е исто. Ништо не се менува и нема да се смени. Тоа секако ме погодува и полека сфаќам дека сиот мој труд за една подобра, демократска, европска Македонија оди во ветер. Продолжувам да ги почитувам моите драги колеги кои не штедат зборови и јавни излагања за да се спротивстават на актуелната политика, која е деструктивна и уништувачка за доброто и за иднината на Македонија.

Депресивно и смртоносно е еден стар професор по македонистика од Хрватска, кој како научник има напишано околу четириесет книги и стотици текстови за Македонија, секогаш позитивни и со најдобра намера, да сфати дека сите негови напори отидоа во ветер бидејќи не сакаше да им се додворува на сегашните властодршци. На некој начин се сметам за изневерен од многуте мои колеги, кои нагло го забораваат мојот придонес за македонистиката, се дистанцираат и се плашат. Од што? Наместо признанијата кои ми припаѓаат, молк на сите институции, кој ме зацврстува во вербата дека сум потрошил добар дел од мојот живот бранејќи го неодбранливото.

Им простувам на сите, добро ми е во Хрватска, но интересот за македонистиката ми се намалува. Губам интерес, ги откачив Семинарот и сите други што ми се јавуваат кога ќе им бидам потребен.

Збогум Македонијо, пријателке, мило ми беше што те запознав, но време е да се збогуваме. Во мир“, објави Калоѓера на Фејсбук.