„Македонија повеќе од две децении ‘лета’ во место. Секои шест месеци Македонија влегува со надеж дека конечно ќе добие датум и ќе ги почне преговорите за влез во ЕУ. Но тој датум, толку многу пати најавуван, никако да дојде.“ – вели новинарот Менде Младеновски во својата колумна со наслов „Лет во место“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Младеновски пишува: „Претставата и филмот ‘Лет во место’ никако да ги заборавам. Овој наслов постојано ме следи во сите изминати децении од македонската независност. Денеска, кога го трошиме првиот ден од јуни, месец што толку многу го очекувавме и посакувавме со надеж дека под претседателство на Франција конечно ќе ја одржиме таа толку многу очекувана меѓувладина седница и ќе ги почнеме преговорите за влез во ЕУ, првата асоцијација на првиот јунски ден ми беше насловот ‘Лет во место’.“
„Иако за неколку дена и официјално треба да се (до)знае дали Македонија во мандатот на Франција конечно ќе ја одржи таа толку најавувана меѓувладина седница и ќе добие датум за почеток на преговорите за влез во ЕУ, полека спласнува оптимизмот не само кај народот, туку и кај Владата. Ќе потрае уште многу години овој наш ‘лет во место’ кога е во прашање влезот во ЕУ. Залудни се надежите на македонските власти дека Бугарија ќе го омекне својот став и дека ќе се смилува Македонија конечно да ја одржи првата меѓувладина седница.“
„Кога за добивање датум за почеток на преговорите се чека толку многу години, колку време ќе ѝ треба на Македонија да ги заврши преговорите да стане членка на ЕУ? Значителен дел од сегашната генерација современици нема да дочекаат не само Македонија да ги заврши преговорите за влез во ЕУ, туку ни да добие датум за почеток на преговорите. Крајно време е Македонија конечно да се сврти кон себеси. Наместо да чека Македонија да добие датум за преговори за влез во ЕУ и потоа да почне да се европеизира, таа треба да работи на своја европеизација.“
„На Македонија не ѝ е потребен датум за почеток на преговори да го реформира судството, да направи реформи во јавната и државната администрација, да се има ефикасен парламент во кој пратениците ќе носат закони во интерес на граѓаните, да воведе вистинска пазарна, а не партизирана економија, услови за бизнис во кој сите ќе имаат еднакви шанси, подобро и поефикасно здравство, квалитетно образование, чиста животна средина, поголема хигиена, ефикасен и професионален државен апарат, реформи во кои секој ќе ја бара и гледа својата шанса да успее.“
„Не треба да се чека да се добие датум за преговори за политичарите во Македонија да сфатат дека тие се избрани од народот за да работат во интерес на народот, а не за себе и своите најблиски. Колку пати само досега и од страна на народот и од страна на европските дипломати и ментори им е кажано на македонските власти дека борбата против корупцијата и криминалот треба да биде секојдневна работа и неселективна, дека злоупотребите на функциите не смеат да се аминуваат, дека народните пари треба крајно домаќински да се трошат. Сите овие услови им се добро познати на македонските политичари.“
„Наместо секојдневно да чекаме да добиеме датум за преговори и да чекаме да влеземе во Европа, треба Европа да ја донесеме кај нас. Тоа не само што е можно туку е и остварливо. Тоа не зависи од некои други, туку од нас самите. Ако ги реализираме сите тие реформи и ако ги практикуваме тие европски стандарди најмалку ќе биде битно дали и кога ќе добиеме датум за преговори. Доста со децении летавме во место.“
Интернет-врска до целата колумна:
https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/nas-stav/let-vo-mesto/





