Кучи: „Ако ги средиме работите дома според ЕУ-правилата, тогаш ќе е небитно дали сме членка на ЕУ, или не“

„По падот на оптимизмот кај политичарите, поради бугарското вето и досега многубројните изневерени очекувања од Брисел, како да се мотивираат и да се преструктурираат државата и институциите, а истовремено граѓаните да останат со силна верба дека државата не е брод, што тоне, туку напротив, земја што има потенцијал да понуди развојна европска перспектива?“ – прашува Сашо Таневски во својата анализа со наслов „Македонска (ре)визија за Европа“, која ја објави весникот „Нова македонија“.

„Соочување со реалноста за евроинтеграциите и ефективно преструктурирање“

Таневски пишува: „Зачекоривме и во јуни кога треба да падне одлуката дали Македонија конечно ќе го добие долгоочекуваниот датум за почеток на пристапните преговори со Европската Унија. Но од сигналите што засега пристигаат од Софија е сè поизвесно дека Македонија ќе се соочи со уште едно ново бугарско вето.“

„Првиот човек на Стопанската комора на северозападниот дел на Македонија Мендерес Кучи смета дека ние и досега требаше да ги спроведеме сите европски практики тука, без разлика дали преговараме со ЕУ или не. ‘Нема зошто толку да се оптоваруваме со тој фамозен датум. Цело време се преокупираме со нешто фиктивно, а обичниот граѓанин се прашува којзнае што ќе биде утре. Ако ние цело време се вадиме на тоа дека треба да добиеме датум, а ништо не правиме дома, тогаш таквите изговори не држат. Ние мора да имаме насока и цел кон што се стремиме, а не да чекаме милост дали некој ќе нè прими. И да има ново вето во јуни, треба да продолжиме да работиме на постигнување на тие европски критериуми дома.’ – вели Кучи.“

Тој додава дека да биде ништо страшно ако ЕУ не нè прими, но ако ја донесеме Европа дома. ‘Да не се залажуваме дека ќе почнат да течат пари од сите страни, ако станеме членка на ЕУ. Ако ги средиме работите дома како што налагаат европските правила, тогаш е целосно неважно дали сме членка на ЕУ, или не. Самото зачленување во ЕУ не значи ништо. Важно е да се инвестира во образованието, во здравството, во правосудството, во инфраструктурата, да има владеење на правото еднакво за сите. Ако го немаме сето ова, кого ќе убедиме да инвестира во Македонија? Тоа требаше да се работи десетина и повеќе години наназад, но можеме и сега конечно да почнеме да работиме на тоа.’ – нагласува Кучи.“

„Според поранешниот гувернер на Народната банка, Петар Гошев, се добива впечаток дека сите работат на агендата за ЕУ, но никој не работи да ги решава внатрешните проблеми, дома. ‘Ниту досега ЕУ нè хранела, ниту отсега ќе нѐ храни. Нема ЕУ да ни ги среди судството и крадењата, ако самите не си ги средиме работите. Треба да продолжиме со работа, а со датумот воопшто да не се оптоваруваме. Кога ќе биде – ќе биде. Не треба да дозволуваме да се погазува нашето достоинство, да ни се витка ‘рбетот.’ – категоричен е Гошев.“

Интернет-врска до целата анализа:



https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/makedonska-revizija-za-evropa/