Корнети: „Преговори со ЕУ под бугарски услови би биле целосно идентитетско самопоништување на Македонците“

„Какви се очекувањата на експертите и стручната јавност за нашата евроинтеграција во јуни, кога завршува и француското претседателство со Унијата, додека истиот месец во Вашингтон ќе се случи Стратегискиот дијалог меѓу Македонија и САД? Што ќе донесат за Македонија овие два настана?“ – прашува Јасминка Павловска во својата анализа со наслов „Двојна јунска сесија за Македонија во Брисел и во Вашингтон“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

„Во исчекување: преодна оцена за евроинтеграциите, или ново разочарување?“

Павловска пишува: „Со оглед на искуствата со голем број изневерени очекувања на самитите на ЕУ на крајот на претседателствата на повеќе земји-членки и тврдоглавата непопустливост на бугарското вето, надежите за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ се одржуваат само од оние на кои тоа им е ‘службена должност’. Еден од нив е евроамбасадорот Дејвид Гир, кој искажува ‘високи надежи дека конечно ќе почнат преговорите на Европската Унија со Албанија и со с.Македонија уште во текот на француското претседателство со ЕУ’. Но, сѐ повеќе превладува впечатокот, дури и во изјавите на претставниците на Владата, чија задача се евроинтеграциите, дека македонската политика треба да најде нова појдовна точка за своите евроинтеграции, ако ниту во овој јуни не започнат преговорите со ЕУ.“

„Поранешниот македонски претседател Бранко Црвенковски порачува: „Јавноста треба да биде подготвена дека блокадата од страна на Бугарија може да потрае подолг временски период и дека поради тоа нема да ги почнеме преговорите со Европската Унија. Тоа за Македонија не е добро, но никако не смее да се доживее како национална трагедија, која ќе нè парализира. Напротив, треба да претставува поттик да почнеме многу посериозно и поодговорно да си ги средуваме работите дома“. Наближувањето на времето за уште една одлука за почеток на македонските евроинтеграции (со предвидлив, иако непосакуван исход) сѐ поитно ја наметнува потребата за нов пристап во македонската стратегија за сопствените европерспективи.“


„Ни останува да се надеваме дека по новите неуспеси со евроинтеграциите во јуни Македонија ќе сфати дека досегашните политики беа погрешни и дека треба од корен да се менува нашиот однос, пред сѐ спрема Бугарија, но и спрема Брисел вo целина. ЕУ нема да се шири уште долго време и за Балканот и одделни други држави се планираат некои нови форми, како Европската политичка заедница. Тоа ќе биде, всушност, петтата и последна групација на европско обединување: покрај самата Унија, монетарната унија (еврото), шенген-зоната и Европската економска зона, која е друштво на богатите, додека ние ќе бидеме во асоцијација на сиромашните.’ – вели поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски.“

„Согледувајќи ги аспектите за можноста за почеток на преговорите со ЕУ во јуни, некогашната амбасадорка Мелпомени Корнети смета дека под познатите услови на Бугарија – подобро е тоа да не се случи. ‘Знаејќи ги условите и уценувањата за повлекување на бугарското вето за македонските евроинтеграции, подобра вест е биде дека не сме добиле почеток на преговори и овој јуни. Тоа ќе значи дека не сме попуштиле на притисоците и уцените на Бугарија, кои се бескрупулозно негаторски за македонскиот национален идентитет, јазик, историја, култура… Голем дел од националните атрибути веќе се загрозени и релативизирани со Преспанскиот договор, а почетокот на преговори со ЕУ под бугарски услови би значело целосно идентитетско самопоништување на Македонците. Одамна ни е потребен нов пристап во евроинтеграциите, но од досегашното однесување на носителите на македонската политика по ова прашање, не можам да согледам некоја нова идеја, визија, па ниту храброст за таков исчекор.’ – вели Корнети.“

Интернет-врска до целата анализа:



https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/dvojna-junska-sesija-za-makedonija-vo-brisel-i-vo-vashington/