Машката одбојкарска репрезентација на Македонија загуби со 3:2 од Романија во Галаци по 132 минути игра и освои еден бод во второто коло од Европската сребрена лига.



Домаќинот поведе со 2:0 во сетови, добивајќи го првиот со 25-22 и вториот со 25-17, но избраниците на селекторот Ратко Павличевиќ се вратија со освојување на третиот сет со 25–23 и четвртиот со 25-19, пред да потклекнат во петтиот со 15-13.

„Црвено-жолтите“ спасија две меч-топки, но на третата направија грешка при сервисот и загубија.

Македонскиот капитен Никола Ѓорѓиев беше најдобар поединец на средбата со 27 поени.

Во другиот натпревар од групата Босна и Херцеговина славеше со 3:2 против Албанија во Тузла, па по две кола прва е Романија со 5 бода, пред Македонија со 4, БиХ со 2 и Албанија со 1.

На 1 јуни од 20:15 часот македонските одбојкари ќе го пречекаат западниот сосед.