Раткоцери: „Блокирањето на Коридорот 8 и Резолуцијата за геноцидот врз Украина се прикрива со изборите и нападот врз Џафери“

„Под изговор на предвремени избори, блокирајќи го Парламентот и напаѓајќи го Талат Џафери – се крие ‘акцијата’ за парализирање на можноста за усвојување Резолуција за геноцидот на Русија врз Украина, која ја најави првиот парламентарец Џафери по неговата посета на Украина.“ – тврди Арбен Раткоцери, новинар и издавач на весникот на албански јазик „Коха“, во објавата на својот фејсбук-профил, која ја пренесе „Коха“ под наслов „Акцијата’ Москва-Нелград-Скопје и дестабилизирањето на Македонија“.

Раткоцери пишува: „Оваа активност доаѓа во време кога владината коалиција во Бугарија отвори расправа за можноста за кревање на ветото кон Македонија за почнување на преговорите со ЕУ.“

„Наближувањето на привршувањето на изградбата на Коридорот 8 со американска поддршка е уште една причина за дестабилизирање. Коридорот 8, како проект осмислен од Американците уште од 90-тите години од минатиот век, беше блокиран од антиалбанските структури во регионот, бидејќи тие оценија оти е албански Коридор. По цекоја цена сега се настојува да се блокира како што се прави веќе 30 години.“

„Ова прашање, вклучително и можната Резолуција за осуда на српскиот геноцид во Сребреница како и рускиот геноцид во Украина, се сценаријата, кои се во овој момент во игра во Парламентот и надвор од него почнувајќи од неочекуваното ‘активирање’ на Црвенковски, на разните силни просрпски структури, главно македонски, со помош на наивните Албанци и кои историски се појавуваат како ‘фронтмени’. Единственото добро во оваа акција Москва-Белград-Скопје е тоа што за неа се свесни европските партнери, особено американските партнери, кои ја поддржуваат силно Владата, за да ги истурка напред овие процеси, едновремено зголемувајќи го притисокот врз официјална Софија заради кревање на ветото.

„Нека се завршат овие работи, за кои не е потребно време повеќе од една седмица и потоа веднаш нека се оди на избори и тоа кога ќе сака опозицијата.“

„Веќе 30 години во Македонија секојпат кога има сериозен албански проект, како што е сега Коридорот 8, и меѓународен притисок за политичко позиционирање против Русија и Србија, се случува политичко дестабилизирање, изнаоѓајќи други не многу силни изговори секогаш со помош и на дел од Албанците.“