
Селекторот на фудбалската репрезентација на Италија, Роберто Манчини, призна дека поразот од Македонија од 1:0 во Палермо во баражот за Светското првенство во Катар пред два месеца му паднал толку тешко што размислувал за оставка.
„Јасно е дека размислував за оставка. Имаше и сè уште има разочарување од елиминацијата. Таа беше резултат на серија несреќни моменти против Македонија и на голот примен од 50 метри во 92. минута. Сè уште го чувствувам тоа разочарување длабоко во себе, но мораме да почнеме од почеток. Ми се чини дека навивачите и понатаму се разочарани, бидејќи пред единаесет месеци освоивме Европско првенство и тоа го заслуживме. Заслуживме да одиме и на Мундијалот“, изјави Манчини во полупразната сала на прес-центарот во тренинг-центарот на репрезентацијата во Коверчано на средбата со новинарите за дуелот со Аргентина од КОНМЕБОЛ – УЕФА Купот на шампионите на 1 јуни на стадионот „Вембли“ во Лондон.





