„Застарените уреди во Парламентот мораа да бидат заменети со софистицирани уреди, за да бидат и двојазични. Но, беа донесени нови уреди со застарен систем, какви што се и умовите на некои македонски пратеници-националисти, кои во употребата на албанскиот јазик гледаат опасност за земјата.“ – вели информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својот редакциски коментар со наслов „Собранието се дигитализираше со опрема само на македонски јазик – каде остана албанскиот јазик?“
„Журнал“ пишува: „Со Собранието на РМВ во два мандата претседава Талат Џафери, кого македонската опозиција и натаму го нарекува ‘спикер’, а не претседател на Собранието. Неодамна тој информираше за поставената опрема, со која се дигитализира работата на Собранието во целина. Во дигиталните уреди и документите во нив се користи само македонски јазик. Дигитализација на Собранието само на македонски јазик, додека на истото место пред три години истиот претседател на Собранието ја отвори седницата на албански јазик. Дали е албанскиот официјален јазик, или не е?“
„Албанскиот како официјален јазик треба да се спроведе во тој орган каде што се донесуваат законите. Но, ако тој не се почитува како официјален таму, тогаш што да се очекува од другите институции? Оваа опрема го разбира само македонскиот јазик и воопшто не функционира на албански, иако во Собранието има 33 пратеници-Албанци. Можеби тоа може да е техничко прашање, но не треба никако да се запоставува, бидејќи малите нешта донесуваат големи последици. Албанскиот јазик мора да се спроведува и да се практикува секаде и за се што е предвидено со законот за јазиците.“
„Овде станува збор за поголеми каузи, а не само за албанскиот јазик во дигиталните уреди во Собранието. Лекцијата за борбата за своето и за претставувањето на својот народ, за барањето на она што му припаѓа на сопствениот народ, мора да се научи од Бугарија, која што воопшто не се откажува од отпорот и од поставувањето услови Бугарите во Македонија да бидат претставени достоинствено.“
„Застарените уреди во Парламентот мораа да бидат заменети со софистицирани уреди, за да бидат и двојазични. Но, беа донесени нови уреди со застарен систем, какви што се и умовите на некои македонски пратеници-националисти, кои во употребата на албанскиот јазик гледаат опасност за земјата.“
„Исто така, и според некои македонски академици и поранешни политичари ‘албанскиот јазик е опасен’.Меѓутоа, опасен е токму јазикот, на кој се вели дека албанскиот јазик е опасен. Значи, на македонски се вели дека албанскиот јазик е опасност, ама забораваат дека македонскиот јазик го блокира евроинтегративниот процес на земјата, што е дел од расправата меѓу с.Македонија и Бугарија. Албанскиот јазик не е опасен и тоа се потврдува со фактот, што тој досега не бил пречка во ниеден геостратегиски процес на земјата.“
Индиректно асоцирајќи на апсурдните и негаторски ставови на Бугарија дека „македонскиот јазик има бугарски корени“, „Журнал“ изведува заклучок на својот редакциски коментар преку некоректно иронизирање со македонскиот јазик: „Значи, албанскиот јазик не му пречи никому, бидејќи и не му припаѓа на никој друг, освен на Албанците. Корените на албанскиот јазик се наоѓаат во самиот албански народ.“





