„Новиот договор за членство во европскиот блок може да им овозможи на Украина, балканските земји и на другите да се приближат до Брисел и помоќно да ги поттикнат реформите, за разлика од досегашните строги правила.“ – истакнува Марјан Велевски во својата статија со наслов „Можни ли се нови патишта до членството во Европската Унија?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Велевски пишува: „Во моментов една земја може да стане само полноправна членка на ЕУ, или земја-кандидат. За да стане земја-кандидат, таа треба да поднесе барање за членство, а ЕУ треба да ја прифати како кандидат, за да ги започне пристапните преговори. Но овие чекори може да траат со години, па дури и да не се остварат. Како што покажуваат случаите на Балканот и Турција, ова е еден вид неизвесност, што може да доведе до никаде. Или некој е член, или не е.“
„Како би изгледало придружното членство?“
„Но светот се промени кога изби конфликтот во Украина. Сега на Европа ѝ е потребно креативно размислување: што одговара на овој нов момент? Одговорот е форма на придружно членство. Уште во 2002 година претседателот на комисијата Романо Проди го навести ова кога зборуваше за ‘сè да се сподели со Унијата, освен институциите’. Говорот на францускиот претседател Емануел Макрон во Европскиот парламент на 9 мај ја постави идејата за европска политичка заедница надвор од ЕУ.“
„Времето на овие идеи е дојдено, а предизвикот сега е како да се спроведат. Следниот чекор е да се создаде нова форма на членство или договор со земјите, што ќе бидат посветени на спроведување на реформите неопходни за членство во ЕУ. Придружните членови ќе можат да седат во некои состави на Советот, но без гласање. Тие би можеле да испратат набљудувачи во некои комитети на Европскиот парламент, или да се приклучат на сесиите на Европскиот совет и на крајот од секој состанок, за да покажат дека се дел од европското семејство.“
„Истото тоа би можело да се примени и за Европската комисија, каде што би можеле да испратат и набљудувачи. Тоа ќе ѝ обезбеди на ЕУ нова моќ за притисок за реформи во овие земји, вклучувајќи и поголемо влијание врз прашањата за владеењето на правото и други прашања, за кои минатите политики на проширување беа несоодветни да ги решат. Поважно е што овој предлог би се однесувал и на државите на Балканот. Кога Европскиот совет ќе се состане на крајот на јуни треба да го понуди тоа.“
Интернет-врска до целата статија:





