Победа на љубовта: По 9 години конечно ослободен македонски новинар гонет во случајот ,,Шпион”

По цели девет години од почетокот на процесот против него, новинарот Зоран Божиновски е ослободен на повтореното судење за случајот ,,Шпион”.



Судењето на новинарот за наводна шпионажа и други две дела беше вратено од Апелационен суд, по жалба на обвинителката Елизабета Јосифовска која на повторното судење не му поставила ниту едно прашање на обвинетиот а притоа предложила сведоци од кои ниту еден не се појавил на судење.

,,Денес во судница победи и љубовта. Иако поради избегнување стрес мојата љубов Панда Солунчевска досега избегнуваше присуство на рочишта, денес собра сила и ме придружуваше. Во живо уживаше во ПОБЕДАТА!

Денешната победа е и победа на мојата МАЈКА која не пропушти посета во притвор во Нови Сад, а потоа и во Шутка од плус 20 преку плус 40 преку – 20, преку нови плус 20 и плус 40 степени, до ослободувањето на 14 јули 2017…

Денешната победа е и победа на мојата брилијантна адвокатка ЛЕЛА СТОЈКОВА, секогаш прибрана, смирена, прецизна и оштроумна, никогаш настроена кон гнил компромис или договор на моја штета. Од првата средба со неа во притвор договоривме ПОБЕДА која денес по втор пат ја постигнавме…”, објави новинарот по ослободителната пресуда.

Случајот поради кој Божиновски беше во екстрадиционен притвор во Србија започна во 2013 година.

Обвинителството за организиран криминал тврдеше дека Зоран Божиновски заедно со екс разузнавачи и другите обвинети во „Шпион“ создал злосторничко здружение кое понатаму уценувало разни личности преку објавување документи на порталот „Буре весник“, сопственост на Божиновски.

Тој беше обвинет и дека располагал со доверливи информации и дека лично уценувал бизнисмени за да не објави компромитирачки информации за нив.