„Поранешниот амбасадор на Косово во Скопје Ѓерѓ Дедај, кој беше на таа позиција од август 2018 до мај 2021 година, изјави дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган барал од с. Македонија да не го акредитира за косовски амбасадор.“ – објави информативниот портал на албански јазик „Алмакос“ во својата информација со наслов „Дедај: Ердоган побара од Македонија да не ме акредитира за амбасадор на Косово“.
„Алмакос“ пишува: „Дедај рече дека за време на неговиот мандат како амбасадор во Скопје односите меѓу турската амбасада таму и косовската амбасада биле замрзнати. Според него, причина за овие односи било неговото именување како амбасадор.“
„Дедај изнесува: ‘Кога ме прими поранешниот претседател Иванов и кога му ги предадов акредитивните писма, тогаш тој ми рече: ‘Тешко ми беше да те прифатам како амбасадор’. Го прашав зошто и тој ми одговори: ‘Ми се јави мојот пријател Ердоган и ми рече: ‘Не прифаќајте го овој човек како амбасадор бидејќи тој ја урива мојата политичка агенда во Македонија’.“
„Турската амбасада во Скопје ги замрзна односите со косовската амбасада во Скопје, додека јас бев амбасадор. Ова беше скандал. Ги повикав за Денот на независноста на Косово, но ми рекоа ‘Да не ни праќате повеќе покани. Додека е Ѓерѓ Дедај амбасадор, ние нема да соработуваме со амбасадата на Косово.’ – изјави Дедај за Канал 10.“
Инаку, медиумите во Македонија и Косово во август 2018 година известуваа дека „контроверзниот Дедај“, тогаш како заменик – министер за надворешни работи на Косово, пред своето именување како амбасадор во Македонија, имал упатено „навреди и понижувања кон Турција“, Но, и покрај тоа тој беше именуван како дипломатски претставник на Косово во Македонија. Претседателката на Косово, Вјоса Османи, на барање на Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово, во втората декада на мај 2021 го потпиша указот за повлекување на амбасадорот Дедај и на 11 други дипломатски претставници, за кои било заклучено дека биле „политички именувани“ од претходните власти“.





