Сè додека личните интереси се пред интересите на општеството ќе имате корупција, рече холандскиот амбасадор во земјава Дирк Јан Коп во рамките на конференцијата „Како до поефикасна заштита од корупција на локално ниво?“ во организација на Центарот за граѓански комунунации.
На конференцијата на која се говореше за важноста на борбата против корупција во општините, амбасадор Јан Коп кажа дека иако Македонија работи во борбата и препознавањето на корупцијата, сè уште сме земја со висока стапка на корупција, далеку од просекот на Европската унија, во рангот на Колумбија и Етиопија, пренесе порталот СДК.мк.
„Недостига применливост оти нема политичка волја. Мора сите политички чинители да преземат одговорност и да ја препознаваат и спречуваат корупцијата. Во земја со 2 милиони жители за сите овие изминати години можеа да бидат завршени реформите. Личните интереси се секаде длабоко вкоренети. И сè додека личните интереси се пред интересите на општеството ќе имате корупцијата“, рече амбасадорот Дирк Јан Коп.
Амбасадорот кажа дека Холандија сака стабилност и просперитет на регионот и затоа смета дека Северна Македонија треба да е дел од Европската унија, за што изминативе години е дадена голема поддршка и пари.
„Во една прилика ми рекоа дека на оваа земја ѝ треба силен човек како Ердоган, Путин. Не ви треба силен човек, туку ви требаат силни институции“, додаде Јан Коп.





