По години ,,војна” Стопанска Банка Скопје нуди пет пати повеќе дивиденда за приоритетните акции

Грчките газди на Стопанска банка Скопје понудија фиксна годишна кумулативна дивиденда од 25 денари за секоја приоритетна акција, објави Фактор.



Според порталот се работи за ,,џентлменска понуда” затоа што тоа е 5 пати повеќе од дивидендата што ја даваа до сега на сопствениците на приоритетни акции.

Во моментов пред скопските судови се водат два процеси меѓу менаџментот и сопствениците на приоритетните акции а една државна институција врши анализа на процедурите врз основа на кои менаџментот две децении вршела дискриминација и кршење на законот, како што тврдат дел од акционерите.

Доминантиот акционер на „Стопанска банка Скопје“, грчката банкарска групација НБГ, е согласна сопствениците на приоритетни акции на таа банка да добиваат 25 денари фиксна годишна дивиденда. Досегашната формула за пресметка на дивидендата на тие акции предвидува фискен принос од 5 денари на годишно ниво. Овој предлог предвидува обврска на банката на сопствениците на приоритетни кумулативни акции да добиваат секоја година 25 денари дивиденда, без разлика на износот на добивка, а во годините кога банката би работела со загуба, парите за дивиденда во фиксниот износ да бидат исплатени во првата следна година во која ќе работи со добивка. Ова е предлог што ќе се најде на гласање на претстојното акционерско собрание.

Фактор објавува дека процесот на мерење на силите меѓу доминантниот сопственик на обичните акции и мнозинските сопственици на приоритетни акции трае неколку години. Сопствениците на приоритетни акции иницираат промени со цел зголемување на нивниот принос и се обратија и до Комисијата за хартии од вредност која е надлежно регулаторно тело од таа област.

КХВ препорача на Стопанска банка Скопје да ја замени формулата за пресметка на дивиденда на приоритетни акции и да утврди фиксен износ што би го добила секоја приоритетна акција.

Наједноставно кажано тоа што досега Стопанска банка Скопје го издвојуваше за приоритетните акции изнесуваше 18.500 евра, сега ќе изнесува 92.500 евра. Стопанска банка Скопје има издадено 227.444 приоритетни кумулативни акции кои се во доминантна сопственост на домашни физички лица кои водат повеќегодишна правна битка за правата од нивните акции. Според официјалните јавно достапни податоци од Централниот депозитар за акции две домашни физички лица се најголеми сопственици на приоритетни акции во Стопанска банка Скопје. Ѓорги Јованов поседува 8,8, отсто од акциите, а Станко Игнатов 6 отсто. Повеќе од 3.600 домашни физички лица поседуваат уште 84 отсто од приоритетните акции, пишува порталот од каде во текстот прашуваат дали е
,,Можен ли е компромис”.

Од издадените 17,46 милиони акции со право на глас грчката банкарска групација НБГ поседува 94,6 отсто.

Целата информација на Фактор.мк