Американскиот претседател Џозеф Бајден ѝ се обрати на нацијата од Белата куќа, по вчерашниот масакр во училиште во Тексас во кој, според последните информации, се убиени 19 ученици и двајца возрасни.
Бајден запраша кога САД ќе застане на патот на „лобито за оружје“. „Се надевав дека како претседател нема да мора вака да се обраќам. Масовната пукотница во основното училиште во Јувалде е уште еден масакр во САД… Убави, невини деца, од второ, трето, четврто одделение. А колку деца беа присутни и гледаа додека нивните пријатели гинеа, како да се на бојно поле“, рече Бајден.
„Како држава мора да се запрашаме, кога ќе се попречиме на патот на тоа лоби за оружје? Кога ќе го направиме она за што длабоко во себе знаеме дека треба да се направи“, додаде Бајден.
Околу прашањето за Законот за контрола на оружјето, Бајден побара од пратениците „да ја претворат оваа болка во акција“, притоа потсетувајќи на сличниот инцидент што се случи во основно училиште во Њутаун – Конектикат од 2012 година кога тој беше потпретседател.






