Пишувајќи за етничката припадност на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, руската државна новинска агенција РИА Новости наведува три научни теории и уште во првата ги споменува современите Македонци и нивните предци Драговитите.



„Браќата се родени во Солун (на североистокот од современа Грција). Сепак, научниците се расправаат за нивното потекло. Некои велат дека светците потекнуваат од Драговитите, предците на современите Македонци. На тоа укажува нивното брилијантно владеење на словенскиот јазик.

Други ги сметаат Кирил и Методиј за Бугари. Овој народ е формиран како резултат на мешањето на турското племе Бугари, кои дошле од Источното Азовско Море, со локалните Словени. Бугарското царство го достигна врвот на моќта дури во 9 век.

Во Византиската империја многумина го знаеле бугарскиот јазик. Оттука и третата, најчеста верзија: Кирил и Методиј се Грци. Нивните житија велат дека се родени во семејство на функционер.

Повеќето научници се согласуваат со ова. Но, не можете да бидете 100 отсто сигурни – има премалку податоци“, пишува во написот на РИА Новости од авторот Никола Бизин.

За Драговитите во „Македонската енциклопедија“ се вели: „ДРАГОВИТИ (Другувити, Дрогувити) – словенско племе, населено во Македонија (Ⅵ – поч. на Ⅶ в.) на териториите северозападно и западно од Солун, помеѓу Солун, Бер и Воден. Учествувале во нападите на Солун (614–616 и 674–677). За потеклото на името има различни мислења. Се поврзува со глаголот другарува, со придавката драг и сл. Под притисок на Византија, еден дел од племето се повлекло подлабоко во внатрешноста на Македонија. Племето било бројно и многу распространето. Неговото име влегло во административната и во црковната организација на Византија. Постоеле клисура и тема Драгувитија (IX–Ⅹ в.). Нивното име во континуитет се задржало до ⅩⅠⅠⅠ в., кога се споменуваат ‘тиранија (власт) на Другувитите’ во Бер и ‘другувитска власт’ во Полог“. 

(На фотографијата е споменикот на Кирил и Методиј во Владивосток)