Евгениј Дајнов, професор по политички науки на Новиот бугарски универзитет, во колумна за бугарскиот весник „Дневник“ образложува зошто е погрешен ставот на Бугарија за т.н. македонско прашање.
Поради драстичната разлика со позицијата на официјална Софија, написот го пренесуваме во целост:
„Кога бев мал, често слушав од возрасните околу мене ‘неразбирлива како темна Индија’ и ‘заплеткана како македонското прашање’. Оттогаш помина многу време и се покажа дека Индија не е толку тешко да се разбере. Другото прашање останува комплицирано, иако одамна не сум го слушнал изразот ‘македонско прашање’.
Можеби не сум го слушнал скоро овој израз, бидејќи прашањето од извесно време е чисто бугарско. Срамното вето (и последователната ‘рамковна позиција на Парламентот) наметната од ГЕРБ-ВМРО на Северна Македонија е отров за бугарското општество и државност. Внесовме нова капсула новичок во јавното тело, која продолжува да се распаѓа и да прска со својот отров во сите нас.
Не знам зошто мнозинството бугарски политичари се жалат дека ЕУ не го разбрала ‘бугарскиот став’ за македонското прашање. Политичариве или не разбираат ништо од политика или лажат. Вистината е дека ЕУ целосно разбира сè – од првата секунда кога ветото падна како гром од ведро небо, откако само две години претходно Бугарија се прогласи за гарант за влез на Западен Балкан во ЕУ.
Нема ништо што во ЕУ не го разбрале. И токму затоа што сè разбраа, земјите-членки на ЕУ не ја поддржуваат – и никогаш нема да ја поддржат – бугарската ‘позиција’. Ниту една земја никогаш нема да го стори тоа. И нема да го поддржи, бидејќи со разбирањето доаѓа и ужасот дека е можно дури и една земја-членка на ЕУ да има таква ‘позиција’.
На луѓето им се крева косата од нас поради тоа што нашето однесување е на диви балкански субјекти од почетокот на 20. век.
Сакам да ве потсетам што се случи и зошто:
Пред две години, откако се наближуваа изборите и ВМРО-БНД виде дека им се заканува опасност да испаднат од Парламентот, решија да поттикнат максимална омраза кон некој надворешен непријател така што Бугарите да гласаат за свитата на Каракачанов. И за цел не ја избраа Турција (со која би имале навистина сериозни проблеми), туку нашите македонски соседи, чии два милиона луѓе се распоредени на територија со големина на софиската област плус Перник. ГЕРБ помогна да се стави вето, а Народното собрание го поддржа со ‘рамковната позиција’.
Што навистина сакаат Бугарите од Македонците? Што е тоа што ЕУ не го ‘разбра’ веќе три години?
Според ‘рамковната позиција’, Бугарите сакаат од Македонците: да ги сменат имињата на неколку стотици улици; да се отстранат спомен-плочите; да признаат дека биле Бугари до 1944 година, кога Македонците биле направени од југословенските комунисти; да спроведат лустрација (која самата Бугарија ја нема спроведено); а во случаите кога во пишаните документи се споменува ‘македонски јазик’, во фуснота да објаснат дека тоа е дијалектна форма на бугарскиот јазик.
Нема земја во светот која официјално прифаќа дека нема народ на нејзината територија, дека нема историја и дека нема ни јазик. Не постои таква држава, бидејќи не може ни да има. Затоа, нема шанси државата Северна Македонија некогаш да се потчини на бугарската ‘рамковна позиција’.
За работите да бидат уште поматни, бугарската позиција постојано се менува. Од Софија кон Скопје постојано се слеваат нови барања, неевидентирани ниту во ‘рамковната позиција’ ниту во бугарско-македонскиот договор од 2017 година. Во последната година од владеењето на ГЕРБ-ВМРО, на пример, бугарскиот министер за надворешни работи бараше Македонците да престанат да го уважуваат Тито. Потоа дојдоа преодните влади, кои поставија уште еден услов: бугарското малцинство да биде вклучено во македонскиот устав.
Кој може да ѝ верува на земја која постојано ги менува своите барања од друга земја? Овде имаме монструозна когнитивна дисонанца: диктаторите, како што е Владимир Путин, ги зголемуваат барањата; Бугарија е демократска држава, членка на ЕУ, но го демонстрира истото однесување.
И тогаш се прашуваме зошто нашите европски партнери гледаат на нас со таков ужас…
За Бугарија нема излез од оваа ситуација – не во рамките на цивилизираните меѓународни односи. Сите бугарски политичари знаат дека нема излез. Но, се прават дека не знаат – едни за да ја хистеризираат ситуацијата и да добијат гласови, а други – за да не се разбудат со лути толпи под нивните прозорци.
Втурнувајќи се во ќорсокак за ‘македонското прашање’, оставени без ниту еден надворешен сојузник, Бугарите станаа нервозни и почнаа да се навредуваат еден со друг. Вака на нас делува отровот што ни беше вбризган во телото со ветото и со ‘рамковната позиција’. Меѓутоа, овој отров има уште една, поважна димензија. Ветото и ‘позицијата’ ја разбрануваа таа смрдлива кал што секој народ ја носи на дното од својата душа. Монструозни мисли и расположенија излегоа од оваа кал. Ветото и ‘позицијата’ се директно одговорни за наглиот раст, во Бугарија, на антиевропските чувства, според кои ЕУ е непријател, бидејќи не ја поддржува за македонското прашање. Но, ако ЕУ е непријател, кој е пријател? Русија, се разбира.
Отровот на ветото продолжува да се шири низ бугарското општество и покрај војната меѓу цивилизацијата и дивјаштвото што беснее недалеку од нас. На страната на руското дивјаштво се редат премногу бугарски граѓани и бугарски државници со души извалкани од вето и ‘позиција’. И ова е веќе ризик за националната безбедност.
Бугарите и никој друг не трпат од бугарската ‘позиција’ за македонското прашање. И тие ќе страдаат сè повеќе и повеќе. За да ги спасиме нашите души, мора да најдеме начин да го отстраниме ова лудо вето. Бидејќи две години никој во ЕУ не го поддржува, значи никогаш нема да го поддржи. Само се отрувме, а сега се обидуваме да ги донесеме и другите 26 земји-членки на ЕУ, Македонците, Американците и кој и да е виновен – освен Путин, се разбира, кој е единствениот што го интересира оваа каша.
Ветото и ‘рамковната позиција’ се тумор кој нè убива нас, а не Македонците. За да преживееме, императив е да си наметнеме радикален третман: да најдеме начин да го укинеме ветото без да извршиме проруски пуч; отфрлање на ‘рамковната позиција’; и долг последователен третман на јавното тело“, пишува Дајнов во својата колумна за бугарски „Дневник“.






