Во текст со наслов ,КОРУПЦИЈА НА МЕДИУМИТЕ Новинарски свити патуваат на државен трошок, како загари на државните делегации”, новинарот на Плусинфо Бранко Героски ја објаснува ситуацијата околу скандалот со селекција од страна на владата на подобни новинари за патување во Ватикан.
Поради комплексноста на темата го пренесуваме текстот.
,,Огромна новинарска „делегација“ од 34 новинари од 29 медиуми ја придружувала македонската владина делегација во Софија во јануари годинава. Патувањето и сместувањето на „известувачите“ било платено од државниот буџет. Новинарските здруженија не се бунат поради ваквото трошење народни пари, туку затоа што немало „критериуми“ и поради тоа што некои медиуми биле „фаворизирани“. Како сега во Рим, каде што одбрана новинарска свита го придружува премиерот Димитар Ковачевски.
Плусинфо го објави ова соопштение и согласно со барањето во демантот, ја повлече информацијата преземена од Алсат-М. Но, до Владата поставивме прашања во врска со нејзината информацијата соопштена во демантот, дека во делегацијата имало и „медиумски претставници“. Ја прашавме Владата кои биле тие „медиумски претставници“ и од кои редакции, кого „претставувале“ тие во Софија и според кои професионални и етички стандарди.
„Гага“ патување и хотелско сместување за чета македонски новинари во Софија
Од Канцеларијата на портпаролот на Владата ни стаса следниот одговор:
„Повикот за акредитација на медиумски претставници за конкретниот настан беше упатен до сите редакции во земјата. Согласно одговорот на повикот, за известување од меѓувладината седница Република Северна Македонија – Република Бугарија, беа акредитирани 34 новинари и сниматели, претставници на вкупно 29 медиуми, кои не беа дел од официјалната владина делегација.
За нив беше организиран превоз и хотелско сместување, што беше јасно назначено и во јавниот повик за организација на патувањето. На меѓувладината седница имаше отворен дел за новинарски прашања на прес-конференција.
Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), согласно заклучокот на седница на Владата, беше задолжена за логистиката на ова патување, како сегмент од активностите поврзани со организацијата на официјалната владина делегација од Северна Македонија“.
Впечатливо е дека во овој одговор Владата го демантира сопственото тврдење од демантот, дека во делегацијата имало „медиумски работници“. Новинарите, значи не биле дел од делегацијата, но ги имало дури 34 на број од 29 медиуми. За сите нив бил „организиран“ превоз и хотелско сместување.
Во Канцеларијата на портпаролот зачудени – па и вие бевте поканети, зошто не се пријавивте?!
Дополнително, за да нема никакви дилеми, одговорниот уредник на Плусинфо го праша владиниот портпарол дали под „организирање“ на многубројната новинарска свита се подразбира дека Владата ги платила трошоците за превозот и за хотелското сместување, или тоа можеби го сториле медиумите самите.
Лице од Канцеларијата на портпаролот потврдил дека трошоците за превоз и сместување на медиумските работници ги платила Владата и презел обврска од СОЗР да побара одговор на нашето прашање колку пари се потрошени за таа цел. До крајот на вчерашниот ден таква информација не добивме, но очекуваме да ја добиеме час поскоро, со оглед на фактот дека одговорите од Канцеларијата на портпаролот вчера стасуваа брзо. Исто така, очекуваме да го добиеме и списокот на медиумските работници кои биле во Софија, за да ги прашаме како се чувствува новинар кога известува на државен трошок.
Инаку, од Канцеларијата на портпаролот изразиле чудење зошто поставуваме вакви прашања и го потсетиле одговорниот уредник на Плусинфо дека и нашата редакција добила покана да биде дел од новинарската свита. Редакцијата може да потврди дека е точно дека добила таква покана, но согласно со своите принципи да не подлегнува на корупција од ваков вид, никогаш не испраќа свои „претставници“ на вакви настани, за кои трошоците за превоз и за сместување се плаќаат од парите на даночните обврзници.
Извор Плусинфо





