Најзначајната манифестација на македонската заедница во Србија, „Денови на македонската култура“, годинава ќе се одржи од 23 до 31 мај во Белград по повод прославата на Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј.
На отворањето на манифестацијата организирана од здружението „Македониум“ од главниот град на Србија в понеделник од 19 часот во Педагошкиот музеј ќе биде организиран концерт на дуото „Етно лирика“, кое го сочинуваат сопранот Јелена Алексиќ и пијанистката Магдица Манасиева. Нивниот репертоар опфаќа традиционални македонски песни во единствена обработка и спој на класична музика, џез и фолклор.
Во рамките на „Деновите на македонската култура“, кои ќе ги отвори претседателот на Македонскиот национален совет во Србија, Борче Величковски, предвидени се низа изложби, концерти, промоции на книги и филмски проекции, а ќе бидат затворени со претставата „Разведи ме“ на скопскиот театар „Провокација“.
„Со оваа манифестација од година во година укажуваме на пријателските и нераскинливи врски на двете земји. Основната цел е манифестацијата да биде мост меѓу нашите две татковини, односно во онаа во која живееме да претставиме културни содржини од татковината од која потекнуваме“, порачаа од организаторот.





