ДРОН-ФИЛМ прикажува: Сите ужаси на војната пред вашите очи – повелете гледајте!

Сте гледале ли некогаш војна во живо? Досега сигурно не, освен ако не сте биле до толку малерозни да се најдете на лице место, онаму каде што таа навистина се случува. На останатите ужасот на бруталното меѓусебно уништување на луѓето им беше пренесуван преку книги, играни и документарни филмови и се разбира преку снимките на „лудите“ новинари и камермани кои по цена на својот живот се приближуваа често до првата борбена линија. Актуелната војна во Украина меѓутоа, промени се. Не само што заедно со класичните воени дејствија до максимум се ангажирани сите учесници во хибридната војна, економската, пропагандната, социјалната и технолошката авангарда, не само тој фантастичен склоп кој деновиве го доживува својот макимум, туку за прв пат, овде, сега, во Европа, војната ја добива својата конечна димензија на кино претстава за целиот свет. И за самите директни учесници во неа.



Она што порано беше само научно-фантастичен филм, денес е реалност. Дроновите се насекаде. Без посада, но затоа опремени со моќни ракети и неизоставно со камери, до несфатливост го променија бојното поле. Ако сакате да видите како се уништува тенк во движење, оклопна кола скриена во шума, ако ве интересира колку е моќна експлозијата на тазе погоден арсенал со оружје, нафтена рафинерија или зграда во центарот на некој град, или доколку ви е мерак да ѕирнете на што личи тоа кога се уништува ров полн со војници или подрум со преплашени цивили, нема никаков проблем. ДРОН-ФИЛМ ќе ви прикаже. На лице место. Офицерите наместо со мастилави тетратки или барем со компјтери, сега седат со онаква конзола во рацете и преку камерата гледаат како дронот му се приближува на непријателското упориште, а и ние заедно со нив ги гледаме очајот и стравот на војниците од противничкиот табор додека бесшумното летало се приближува над нивните глави и истрелува смрт.

Дронот не признава граници, не му пречат планини и големи реки, не го блокираат лоши временски услови. Без проблем се насочува кон зададената локација, уништува пред себе и снима за да имаат армиите потврда за успешно завршената задача, а вие/ние бесплатна забава. Дронот брои мртви, дронот проценува ранети, дронот одредува и точна локација за земската артилерија случајно да не погреши за некој метар. Дронот зумира за да можете да видите од непосредна близина како изгледаат парчосани глави, растурени црева или откинати нозе. Дронот може да биде мал, среден или голем, да носи вакво или онакво оружје. И што е најважно, го има во неограничени количини. Колку ти сакаш уривај ги, џабе, доаѓаат нови и нови ескадрили, бидејќи ниту се скапи, ниту народски кажано, бараат леб и вода. А ако целата негова претстава ви е малку, имате и камери на шлемовите на војниците со ноќно снимање, па од удобноста на вашата дневна соба, тазе вратени од „искачање во град“ да „утврдите“ како се прави полноќна заседа за непријателската колона или како се фрлаат бомби во скривница која треба да се „подзачисти“. Од луѓе ,имено!

Притоа, војната во живо можат да ја следат без ограничувања и деца, но и разни умоболни типови на кои им треба само малку потстрек за да ги остварат своите психопатски амбиции, можеби и во вашиот град. Мене ми е страв, искрено. Лудиот нов свет веќе не тропа на вратата. Тој сега ни влезе дома и се заседна како вистински домаќин. Со далечинскиот управувач во рацете. А филмот допрва почнува.

Драган Милосављевиќ