Небиу: Ибраими и ДУИ го измамија Арачиново дека ќе донесат вода за пиење од Липковската брана

„Ридван Ибраими, актуелниот градоначалник на Арачиново, и структурата од ДУИ ги измамија жителите на оваа општина со своите предизборни ветувања дека ќе им донесат вода за пиење од Липковската брана. Арачиново стана ‘туристички центар“ за разните функционери од ДУИ, кои таму организираа паради, доаѓаа во посети и даваа ветувања, лажејќи го и измамувајќи го населението, оти е се подготвено да протече водата, но откако ќе се гласа за Ридван Ибраими за градоначалник. Вода од Липковската брана нема, а најголемиот работен дострел на Ибраими како градоначалник во меѓувреме е средбата со самопрогласениот ‘прв заменик-премиер Артан Груби“ од ДУИ.“ – вели Дритон Небиу, политички аналитичар и магистер по политички науки, во својата колумна со наслов „Арачиново дискриминирано, а конечно и измамено!“, која ја објави информативниот портал на албански јазик „ин7“.

Небиу пишува: „Предизборните ветувања на градоначалникот на општината Арачиново Ридван Ибраими беа само уште една измама негова и на структурата од ДУИ, од чии редови е. Секогаш кога некој ќе спомне одговорно раководење, како што си тврди за себе дека прави власта, тогаш првата асоцијација за тоа е одговорноста за кажаните зборови и направените дела. Но, никој не понесува никаква, ниту морална одговорност за што го ветил, односно поради кажаната измама.“

„Ридван Ибраими, кој беше поранешен економски директор на Клиниката за детски болести во Скопје, мислејќи дека управувањето со клиника е исто како раководење со една општина, вети дека општина Арачиново во рок од три месеци на неговиот мандат ќе има вода за пиење од браната кај Липково. Имаше и паради, посети и ветувања на разни партиски функционери, кои го убедуваа населението, поточно, го лажеа дека е се подготвено да се донесе водата, само се потребни уште и гласови, за да се избере Ибраими како градоначалник на општина Арачиново.“

„Но, оттогаш поминаа многу месеци, а во Арачиново се уште не тече ниту една капка вода од Липковската брана, освен ако ако не се земат предвид можните атмосферски врнежи, кои понекогаш доаѓаат од страната на Липково. Беа ветени и спортски терени и места за рекреација. Градоначалникот Ибраими на почетокот беше загрижен каде ќе седне, бидејќи останал без фотелја, за да одржи потоа некои состаноци од ‘посебно значење’, неодамна, со ректорот на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје. Навистина, Арачиново како општина одамна е претворено во ‘туристички центар’.“

„Најголемото достигнување на актуелниот градоначалник Ибраими е средбата со Артан Груби од ДУИ, актуелниот ‘прв’ заменик-премиер (самопрогласен, со функција која не е предвидена во ниеден правен акт) и поранешниот манипулатор во случајот “скопско Кале’. Наближуваат годишните одмори, а структурите на општината ќе имаат време да се опуштат од многуте ‘работи’, кои ги ‘реализираа’ и потоа повторно да излезат пред нас и да не измамуваат со нови празни ветувања.“

„Нивната пасивност и неодговорност за дадениот збор повторно ќе се обидат да ги покријат со ситуацијата во Украина, спорот со Бугарија, со климата во Русија и ‘првата’ смрт од ковид во Северна Кореја. Тие не чувствуваат срам. Актуелниот градоначалник со своето неработење не им помага на своите соселани, дека ќе им го направи тоа што им го ветил. Но, такви како него има и во централната власт. Тие не се разликуваат меѓу себе. Силни се и способни само со зборовите, кои ги кажуваат, но не и со работите, што ги вршат.“

„Ако сакате да ја проверите вистинитоста на моите зборови, тогаш прашајте ги нашите соселани, или соседите околу нас во Арачиново. Тие знаат најдобро каква вода пијат и од каде ја пијат.“ – нагласува Небиу во својата колумна.