Скопје сака да ги почне преговорите со ЕУ, но не по секоја цена

Македонија сака да ги почне преговорите со ЕУ, но тоа да не биде по секоја цена и на штета на државните интереси при решавањето на спорот со Бугарија.



Европската комисија во средата првпат даде рок за одржување на првата меѓувладина конференција со Македонија и Албанија и преговорите со двете држави да почнат пред крајот на француското претседателство, на 30 јуни.

Вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ синоќа истакна дека месецот јуни, како пресуден за добивање датум, е спомнат од ЕУ поради геополитичката ситуација со војната во Украина и дека Владата сака да ги почне преговорите со ЕУ, но не по секоја цена и на штета на државните интереси при решавањето на прашањето со Софија.

„ЕУ е таа, која притисната од геостратешката ситуација, почна прва да го комуницира јуни како датум и комесарот Вархеји и официјалните портпароли на ЕУ. Тоа значи дека има некое чувство на ургентност во ЕУ. Меѓутоа, ние немаме намера да направиме чекор кој ќе ги наруши нашите интереси“, рече Маричиќ.

Како што потенцираше вицепремиерот, сакаме да почнеме преговори со фер договор, кој нема да задира во нашето достоинство и идентитет.

„Нашиот пат е јасен и секогаш бил јасен. Никогаш не сме отстапувале и никогаш не бил лесен, секогаш сме имале тешкотии и Северна Македонија е една од државите коишто имала најтежок пат до исполнување на своите стратешки интереси“, кажа Маричиќ.

Тој потенцира дека како Влада вовеле нов пристап со Бугарија за да се дојде до одредена точка на решение.

„Ние направивме максимум во овој период и тоа беше наша должност да дадеме шанса на овие разговори. Ние не се откажуваме од тоа и ниту пак некогаш се врзувавме за јуни, како пресуден датум. И навистина интензивно работевме во изминатите 120 дена од кога е оваа Влада. Имаше повеќе средби со бугарската страна, сме разговарале за сите отворени прашања и има основа за фер решение“, истакна Маричиќ, кој рече дека за четири месеци не може да се очекува радикален пресврт со односите со Бугарија.

Вицепремиерот за евроинтеграции потенцира дека во ситуација кога има војна во Украина, кога сите држави се определени за едно повисоко ниво на стратешко размислување, тоа треба да го стори и Бугарија.