„На последните локални избори во општините со мнозинско албанско население беше намалена поддршката на бирачкото тело за Демократската унија за интеграција. Ова беше и сигналот дека на оваа партија и доаѓа крајот, откако резултатите од октомвриските избори ја ставија на второ место во Тетово и Гостивар. Овој резултат ќе произведе силни ефекти, кои ќе се одразат политичката иднина на ДУИ. Но, тоа не значи дека од отворениот кратер на нејзините урнатини нема да произлезат никакви други политички партии, предводени од кој било друг, туку ќе значи само дека ДУИ повеќе нема да постои како партија, која собираше околу себе стотици илјади поддржувачи.“ – вели Агрон Шаќири од Тетово во својата колумна со наслов „Кој ќе тагува повеќе поради ‘смртта’ на ДУИ?!“, која ја објави информативниот портал на албански јазик „ин7“.
Шаќири пишува: „Првите и најважните меѓу оние, што утре ќе ја оплакуваат ‘смртта’ на ДУИ, се огромното мнозинство наши сограѓани, кои ја поддржуваа. ДУИ беше производ на бранот од гнев и надеж, кој што зафати многумина преку мостот меѓу стариот режим и новиот систем. На почетокот таа успеа да ги поврзе конците на сите оние, кои сонуваа за подостоинствен живот на Албанците, без државно насилство и бирократска атрофија. Во следните децении, и покрај намалувањето, ДУИ успеваше да биде претставник на социјалниот блок замислен на омраза, огорченост и бескомпромисно отфрлање на минатото.“
„Но, сега ДУИ пропаѓа заедно со Али Ахмети. Оние стотици илјади граѓани, кои ја поддржуваа ДУИ, време е да се раздвојат од неа и да им се придружат на други политички сили, чиј легитимитет нема повеќе да се темели врз минатото, туку врз општествените интереси на сегашноста и на стремежите на иднината.“
„Доаѓаме во кругот на нечесните. На почетокот се наоѓаат кликите околу Артан Груби и Али Ахмети. Постојат десеттици, или и стотици луѓе, кои ги придружуваат на состаноци, на прес-конференции и во телевизиите. Тие се веќе имагинарни иматели на привилегии, кои би ги уживале, ако ДУИ, контролирана или од Ахмети, или од Груби, остане на власта. Тоа се оние, кои оддалеку ги пикираат министерските позиции, добитните места на листите за пратеници, раководните позиции во големите јавни претпријатија и агенции, како и секоја друга можна позиција, каде што можат да се заработат големи пари преку методот на ‘алашвераш’, со посредство на државата и врз грбот на народот.“
„Тие денеска чувствуваат дека ќе излезе од контрола лудото оро, во кое влегоа, но и оти во овие услови, без изгледи дека ќе се остане на власт, ќе ја изгубат и финансиската поддршка од олигарсите и од криминалното подземје. Големите партиски финансиери се рационални субјекти, кои давањето пари го гледаат како инвестиција која во догледна иднина ќе донесе огромен профит. Во овие услови, кој се обложува на пцовисан коњ?!“ – нагласува Агрон Шаќири во својата колумна.





