Јанкулоски: „Очајната и исплашена власт е пред заминување – гневната ‘стока од народ’ ќе ги збрише“

„Времето за промени отчукува и се повторува обидот низ закана да го воспостави нарушениот авторитет и да се одржи веќе неодржливото: власта мавта со прстот, заканувајќи му се на народот. Стравот од губење на власта и функцијата станал хронична состојба што им ги затапила сетилата, здраворазумското однесување на носителите на власта. Од бездната кон која се движи власта ја дели само размавтаниот показалец како последен обид низ закана и страв да го одложи своето заминување и збогување со моќта.“ – вели универзитетскиот професор Звонимир Јанкуловски во својата колумна со наслов „Заканите и понижувањето – последната лажна надеж на очајната власт“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Јанкуловски пишува: „Во Македонија сѐ повеќе почнува нервозно да заигрува показалецот. Се навредува и пцуе по ‘рајата’. Не е за изненадување што тоа се случува токму сега од политичките аниматорски безлични кукли што нѐ извозија низ дегенерираниот политички спектакл и мислат дека сѐ уште можат да го прават тоа. Дозволивме корумпиран политички систем да произведува вакви политички марионети и безлични полтронизирани функционерчиња, кои одбиваат да слушаат некого надвор од нивниот тесен свет на моќни посредници, бизнис-донатори и скротени, кротки интелектуалци.“

“Кога го вперуваш прстот кон некого и го обвинуваш без вина треба да бидеш подготвен да ги сносиш последиците од тоа. Ние нема да паднеме пред моќниците колку и да мавтаат со показалецот и колку и да се закануваат. Тие се неменливи само во нивните дегенерирани умови. Кога ќе паднат, а ќе паднат наскоро, ќе го видат и ќе го почувствуваат гневот на оние кон кои покажуваа и мавтаа со нивните показалци. Ќе го почувствуваат гневот од онаа ‘стока’ од народ, како што милуваа да ја ословуваат.“

„Затоа викајте, засипнете ако сакате од викање. Барајте ја вината во народот. Заканувајте се, мавтајте со показалецот. Лигавете се од моќта што ви е дадена во нелегитимен политички процес, но крајот е блиску. Секој ден го чувствувам гневот на луѓето, што ми приоѓаат и се жалат дека секоја ‘шушка’ неписмена во државава се истура врз нив, обвинувајќи ги за нивните неуспеси да раководат со институциите, што им се доверени. Разиграниот показалец е главниот актер во нивните драмолетки на очај и страв. Тоа се оние недоквакани безимени функционерчиња, на кои им довериле да раководат институции од национален интерес.“

„Правдата мора да биде спроведена. За понижувањето и злото што го трпиме. Доста ја ведневме главата пред оние што надолу газат, а нагоре лижат. Гневот е голем. Од ден на ден сѐ поголем. Само се чека моментот кога народот како цунами ќе ги збрише. Политичка збирштина од луѓе што не заслужуваат ништо подобро. Утре ќе нема за што и за кого да жалиме. Можеби само за изгубените години.“



Интернет-врска до целата колумна:

https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/zakanite-i-ponizhuvanjeto-poslednata-lazhna-nadezh-na-ochajna-vlast/