Бугарија е подготвена да ја засили соработката во областа на одбраната со Македонија бидејќи двете земји споделуваат заеднички вредности, делат заедничка судбина, споделуваат заедничка историја, но и заедничка иднина.
Ова го изјави министерот за одбрана Драгомир Заков, кој во Софија се сретна со министерката за одбрана на Македонија Славјанка Петровска.



Заков рече дека средбата е исклучителен знак дека како членки на НАТО Бугарија и РСМ имаат многу важна улога во регионот за одржување на стабилноста и безбедноста.

Министерката за одбрана на Македонија, изјави дека со нејзиниот бугарски колега се договориле дека постои можност за зајакнување на постојната соработка.

Таа рече и дека во завршна фаза на координација се преговорите за едукација на воените лекари во Поморската школа во Варна и на Воено-медицинската академија во Софија.

Според Петровска, по 24 февруари веќе ништо не било исто во Европа.

„Руската агресија врз Украина докажа дека нема траен мир, дека мирот и стабилноста се нешто за што мораме сите заедно да се грижиме“.

Петровска, исто така, рече дека недвосмислено го поддржува членството на Шведска и Финска во НАТО.