Растот на цените на производите се чуствува насекаде, а последните податоци на европската статистичка канцеларија потврдуваат дека инфлацијата забрзано расте во сите земји.
Голем број земји членки на Европската унија забележаа високи стапки на инфлација, а меѓу најголемите поскапувања забележа Естонија, која води со рекордни 19,1 отсто инфлација во месец април во споредба со минатата година. Изразито висока стапка на инфлација од земјите членки на унијата имаат и Литванија каде за период од една година била регистрирана 16,6 проценти инфлација и Чешка со 13,2 отсто.
-Годишната стапка на инфлација во еврозоната беше 7,4 проценти во април 2022 година. Една година претходно, стапката беше 1,6 отсто. Годишната инфлација на Европската унија беше 8,1 проценти во април 2022 година, од 7,8 отсто во март. Една година порано, стапката изнесуваше 2 проценти – објави „ Евростат“.
Најниски годишни стапки, или најмал пораст на цените од земјите членки на унијата е забележан во Франција и Малта, каде инфлацијата достигнала 5,4 проценти, а слична стапка имала и Финска со 5,8 отсто.
Сепак, убедливо најмал раст на цените на производите од земјите во Европа има една од најбогатите земји, Швајцарија. На годишно ниво во Швајцарија била регистрирана инфлација од само 2,3 проценти. Но, Швајцарија е една од земјите која важи за најскапа.
Меѓу земјите ченки на унијата со високи стапки на инфлација покрај претходно споменатите се и нашите соседи. Во Бугарија според „Евростат“ на годишно ниво е забележана стапка од 12,1 отсто, а инфлација над десет проценти регистрираше и Романија – 11,7 проценти, потоа Полска – 11,4 отсто и Холандија – 11,2 проценти.
Од „Евростат“ посочуваат дека најголем притисок врз цените имала енергетиката, услугите, хранатата, алкохолот и тутунот и неенергетските индустриски стоки.
Високи стапки на инфлација во април месец во споредба со истиот месец минатата година беа забележани и во САД, 8,3 отсто.
Во Македонија на годишно ниво во април месец инфлацијата достигна 10,5 проценти во споредбата со истиот месец минатата година. Како што објави „Фактор“, економистите не очекуваат скорешно смирување на инфлацијата, особено што нема мерки кои можат веднаш да дадат ефект.
Линк до целиот текст.






