Таневски: „Не ни требаат преговори со бугарски уцени, ниту членство во ЕУ како народ без идентитет и јазик“

„Македонија е исправена пред историски предизвици, опстојувањето на државата и на македонскиот народ се на удар, а нашите политичари не преземаат акција да го спречат тоа. Не ни е потребна преговарачка рамка со бугарски уцени, бидејќи чуму ни е членството во Унијата, ако таму влеземе само како граѓани на држава со географска одредница, без свој идентитет и јазик, ако исчезнеме како Македонци.“ – вели Сашо Танески во својот коментар со наслов „Историските предизвици бараат историска одговорност, а не кавги“, кој го објави весникот „Нова Македонија“.

Таневски пишува: „Европските претставници од сите групи на ЕУ ги повикаа Бугарија и Македонија да најдат решение за билатералните разлики, со што би се отворил патот за почеток на пристапните преговори на земјава со Унијата. Тоа неодамна со јасни рокови го соопшти и еврокомесарот за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, кој рече дека јуни е краен рок до кога треба да се надминат разликите меѓу двете земји. Европската Унија не знае, или можеби воопшто и не е заинтересирана, како да го затвори овој ирационален проблем наметнат од нејзина земја-членка.“

„Наместо да ја притиснат Бугарија и да го применат истиот принцип што сега се заговара за приемот на Шведска и на Финска во НАТО, според кој билатералните прашања не треба да бидат пречка за интегративните процеси, туку да се решаваат подоцна, европските бирократи објавуваат разни други иницијативи само за да ја избегнат личната одговорност за неуспехот да ги започнат пристапните преговори со Македонија. ЕУ уште еднаш ќе ја изигра Македонија. ЕУ ништо не научи од војната во Украина, па си игра со оган и на Балканот без да биде свесна дека ќе изгори и остатокот од Европа, ако пламне балканското буре барут.“

„Зачудувачки е зошто Европа молчи на сето ова што го прави Бугарија и со тој молк дословно одобрува повици за геноцидни политики, како оној на бугарскиот претседател Радев за уништување на ‘македонизмот’. Со таквиот однос ЕУ самата си ги поткопува темелите на кои почива, но и своите позиции во Македонија. Тоа го потврдуваат и последните анкети, кои покажуваат голем пад на расположението на македонските граѓани за Европа и вредностите, што таа ги прокламира.“

„Преминувајќи преку сите овие преседани, ЕУ со својата анемичност и слепило дозволува земјите од регионот трајно да се оддалечат од неа. Залажувањето со некакви политички заедници, всушност, само покажува дека на Брисел му е важно само да добие ‘резерват’ каде што ќе може да ‘лови’ работна сила, умови, енергетски ресурси, инфраструктура, кои ќе може неограничено да ги користи, без да има обврска нешто и да даде.“

„Додека Македонија е исправена пред историски предизвици домашната политичка сцена наместо да бара решенија, западната е во целосна апатија и анемичност. Опстојувањето на државата и на македонскиот народ се на удар, а политичките чинители се занимаваат со обични политички интриги. Државата е влезена во фаза на целосно обезличување, а нашите политичари не преземаат заедничка акција за да го спречат тоа.“

„Собранието може да одигра клучна улога, да испрати документ до сите европски парламенти, до Советот на Европа, до ОБСЕ и да ја објасни македонската резолуција усвоена од сите партии со консензус, јасно ставајќи до знаење дека никогаш нема да се прифатат никакви амандмани изгласани во ЕП со кои се негираат македонскиот идентитет, јазик и историја, а уште помалку да се прифати бугарските уцени да станат дел од преговарачката рамка на ЕУ. Таква преговарачка рамка не ни е потребна, бидејќи чуму ни е членството во Унијата, ако таму влеземе само како граѓани на држава со географска одредница, без свој идентитет и јазик, ако исчезнеме како Македонци.“



Интернет-врска до целиот коментар:

https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/nas-stav/istoriskite-predizvici-baraat-istoriska-odgovornost-a-ne-kavgi/